Денеска во 10 часот продолжува судењето за обвинетите за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени. На последното рочиште на 27 декември 2022 претставниците на Основното јавно обвинителство Тетово ги презентираа насловите од писмените докази кои се доставени со обвинителниот акт до Судот, а денеска предвидено е да има вербални докази од сведоци кои се на предлог на обвинителите.
Судењето почна пред три недели, на 7 декември, откако од септември па се до тој месец, почетокот на судскиот процес беше одложуван.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
До судење дојде откако на 27 јули 2022 година Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основниот суд – Тетово. Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинженер и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција на Германија.
Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој биле приклучени дефибрилатор – апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.