Судењето за невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица, треба да продолжи денес откако на минатото рочиште беа изведени материјални докази предложени од одбраната.
На денешното рочиште е најавено сведочење на Нина Старделова, Стефан Богоев и Наташа Петровска.Случајот е во доказна постапка и го води судијката Софче Гаврилова Ефремовска.
За случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажеска за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.