Во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска продолжи судењето за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот, кој беше претепан до смрт пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје.
Обвинетите за убиството на хрватскиот ракометар Тот, Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, на изминатото, прво рочиште пред Судечкиот совет во Основниот Кривичен суд – Скопје, изјавија дека не се чувствуваат виновни за кривичното дело кое им се става на товар.
– Од сите тие удари оштетениот се здобил со повеќе повреди, како и тешки телесни повреди и како резултат на сите тие повреди кај оштетениот настанала коматозна состојба. Истиот веднаш бил пренесен во Ургентниот центар во Клиничкиот центар Мајка Тереза, рече обвинителката Тања Трајчевска.
Дополни дека како резултат на повредите и настанатата траума на главата дошло до пореметување и прекин на мозочните неурони кое резултирало со смртен исход на 8 април 2022 година во 11:40 часот.
Трајчевска посочи на листата на докази со кои располага Обвинителство, а помеѓу кои се записник за претрес на дом и други простории, потврди за привремено одземени предмети, со кои што, како што рече, е одземена облеката од оштетениот и дел од облеката на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски.
– Раполага со две ЦД-а од безбедносни камери од кои јасно може да се види целиот настан кој се случил критичната вечер, а пред сѐ, поединечно, дејствијата на секој од обвинетите кои ги презеле тој ден, рече таа.
Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април 2022 година, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
– По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, се вели во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а наредното рочиште е насрочено за 14 септември.