Продолжува судскиот процес против 29 мината обвинети за тероризам во настаните од 9 и 10 мај во кумановската населба Диво насеље
Денеска ќе сведочат петмина полицајци кои учествуваа во акцијата. Обвинетите се товарат за тероризам и учество во терористичка организација. На почетокот на претходното судењето, одбраната побара случајот да биде превземен од Специјалното јавно обвинителство, на што судијата одговори дека предметот ќе биде предаден на ова обвинителство до колку од истото пристигне такво барање до судот.
На претходните две рочишта, обвинетите се изјаснија дека се невини, дека не се терористи и дека се жртви на политички игри. Тие тврдеа дека во Куманово не дошле да војуваат и оти немале наредба да пукаат во полицијата.
Обвинителството соопшти дека располага со доказен матиеријал со кој ќе докаже дека 29-мината се виновни за тероризам и терористичко организирање, за што им се заканува казна од 8 години до доживотен затвор
Обвинителство тврди дека нападот во „Диво Насеље“ бил добро организиран, а обвинетите настапиле со директна умисла.
Адвокатите на обвинетите во своите воведни зборови, рекоа дека ниту тие, ниту обвинетите ја прифаќаат квалификацијата на кривичните дела тероризам и терористичка организација и дека во понатамошниот тек на судењето ќе го докажат тоа преку искази на сведоци и врз основа на доказите прибрани од обвинителството во текот на истрагата.
– Ние сметаме дека има една генеза, односно една поврзаност на настаните од Гошинце и од Диво Насеље токму со „бомбите“, односно со прислушуваните разговори. Убедени сме и јас и обвинетите дека станува збор за вмешаност на одредени структури и во понатамошниот тек од главната расправа ќе наведеме со име и со презиме кои се тие – рече пред две недели адвокатот на неколкумина од обвинетите, Насер Рауфи.
На 9 и 10 мај минатата година во полициската акција за елиминација кога терористите беа лоцирани во населбата Диво насеље беа убиени 8 припадници на полициските единици, а 37 беа повредени. Под притисок и целодневни борби беа убиени 10 теросристи , а останатите преживеани терористи се предадоа.