Продолжуваат активностите со кои се вложува во афирмацијата и развојот на македонистиката во Турција.

од Vladimir Zorba
215 прегледи

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” соопшти дека продолжуваат активностите со кои се вложува во афирмацијата и развојот на македонистиката во Турција.

На Катедрата за македонски јазик при Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, пред студентите кои го посетуваат напредниот курс по македонски јазик кај лекторката по македонски јазик, Габриела Ивановска, предавања одржаа проф. д-р Славчо Ковилоски и м-р Марина Цветаноска од Одделението за македонска литература во XIX век на Институтот за македонска литература.

Предавањето на Ковилоски беше на тема „Ликовите на Итар Пејо и Насредин Оџа во македонскиот фолклор и литература”, додека Цветаноска се осврна на османлиските рефлексии во македонската култура (архитектура, литература, кујна).

Ковилоски и Цветаноска остварија и средба со раководителката на Катедрата за македонски јазик на истанбулскиот Факултет за литература, проф. д-р Туркан Олџај и со раководителката на Катедрата за славистика, проф. д-р Емине Инанир. На средбата се говореше и за добрата соработка меѓу Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и Факултетот за литература во Истанбул, со решеност за натамошни нови вложувања во афирмацијата на македонистиката.

На Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години во кои непрекинато работи Катедрата за македонски јазик, а од оваа академска година, македонскиот јазик е на листата на предмети што можат да ги изучуваат сите студенти на Универзитетот. Минатата недела, започна со работа и Катедрата за македонски јазик на Анкарскиот универзитет, под раководство на проф. д-р Мелахат Парс, во чии рамки е и Лекторатот по македонски јазик, со што македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција.

Со активностите што се преземаат, продолжуваат вложувањата во перспективите за континуирано остварување на мисијата на МСМЈЛК при УКИМ, во соработка со институциите да се унапредува изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура на универзитетските центри во светот.

Слични содржини