Поплавите во Словенија се уште траат, а и покрај намалувањето на количината на врнежи во текот на ноќта, многу луѓе не можеа да спијат во своите куќи поради опасност од лизгање на земјиштето, јави во неделата словенечката агенција СТА.
Пожарникарите спроведоа мерки за заштита од одрони и поплави, испумпуваа вода од поплавените објекти, отстрануваа паднати дрвја, спасуваа луѓе од опасните подрачја и доставуваа неопходни работи како храна и лекови, информираат од Управата за заштита и спасување.
Управата во изминатите 12 часа евидентирала вкупно 230 вонредни случаи на 186 локации, од кои повеќето во областите на регионалните информативни центри во Мурска Собота (36), Марибор (32), Словењ Градец (31), Целје ( 26) и Љубљана (21). Поради излевање на реката Мура во вечерните часови, од селото Долња Бистрица се евакуирани 500 лица.
Евакуацијата е извршена и во Корошка Бела каде траела до седум часот наутро и покрај реката Межа. Во текот на ноќта е изготвен план за превентивна евакуација на дополнителни 110 лица од Черна на Корошкем, каде што ќе бидат евакуирани и корисниците на Центарот за обука, работа и заштита, соопшти Радио Словенија.
Долниот тек на Крка и Сава се уште се излеваат, а состојбата и натаму е најлоша во Кршка Вас и Лоче. Неколку гости на бањскиот камп Чатеж ноќта ја минаа во спортската сала во Брежице поради надојдените подземни води.
Бројни патишта се уште се затворени во провинциите Приморска, Корушка, Штајерска, Засавље и Централна Словенија. Сообраќајот, меѓу другото, е целосно во прекин меѓу Целје, Лашко и Радеч и на релации Љубљана-Литија-Загорје-Храстник-Зидани Мост, Храстник-Марно-Римске Топлица и Требија-Жири-Ровта.
Затворени се патиштата од Межица и Шоштање кон Черна на Корошкем, Доброва-Полхов Градец-Љубљаница, Предвор-Језерски врв, Бегуње-Тржиќ, Љубно-Солчава и од Камник кон Камнишка Бистрица и Горњи Град. Штаерскиот автопат меѓу Љубљана и Марибор е повторно отворен.
Денеска најпрвин ќе биде претежно облачно, а облачноста треба да се намали кон средината на денот. Повремено ќе има локални врнежи. Попладне во Словенија од северозапад ќе пристигне дожд и грмежи кои може да бидат посилни. Ќе дува засилен северен ветер повремено.
Можно е да има врнежи од дожд, невреме и помал град, што е поверојатно во Приморска, изјави метеорологот Блаж Штер за Радио Словенија. Според прогнозите на хидролозите, дополнителни врнежи не се очекува да ја влошат состојбата на поголемите реки. Во вечерните часови атмосферата ќе се смири, а дождот насекаде ќе престанува.
Геолошкиот завод на Словенија предупреди на зголемена веројатност за одрони во целата земја поради високата влажност на почвата.