Во Град Скопје, во општините Тетово и Куманово, како и долж коридорите „8“ и „10“ од 1 јануари 2026 ќе биде имплементиран проектот „Безбеден град, безбедна држава“. Се очекува до средината на наредната година да биде покриена целата територија на државава, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Охрид на средбата со неговиот словенечки колега Боштјан Поклукар.
Тошковски информираше дека измените на Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата во кои се имплементирани одредбите за „Безбеден град“ вчера во Собранието го поминаа првото читање пред матичната комисија. Министерот порача дека со овој закон не се предвидува казнување на граѓаните со цел да се полни буџетот, туку дека целта е да се спасат човечки животи.
Во 2024 година, 142 жртви на сообраќајки
„Целта на овој систем не е да бидат казнувани македонските граѓани, целта на овој систем не е да се полни буџетот на Република Македонија, целта на овој систем е да се спаси барем еден човечки живот. Бројките се страшни. Во 2024 година имаме 142 жртви како последица на непочитување на сообраќајни правила и сообраќајни незгоди кои се случиле. Сигурен сум дека бројките ќе се намалуваат со ставање на системот во функција, нагласи Тошковски.