Проф. Андонов: За ЕУ е поважно Украина да опстои, така ќе остане тампон зоната со режимот во Кремљ

ко некој сака политички да го тестира Зеленски во Украина, тој има шанса да опстане, иако и САД и Русија имаат своја математика - секој сака да доведе политичар кој ќе се согласи со се што тие ќе кажат, вели професорот за „Локално“ за евентуалните избори во земјата разрушена од војна

од Марта Пешевска
123 прегледи

Војната во Украина влегува во нова, уште поинтензивна фаза, откако руските сили ги засилија воздушните и копнените напади врз украинските градови и клучна инфраструктура. Балистички ракети, дронови и артилериски напади повторно ги погодија цивилните зони, предизвикувајќи човечки загуби и голема материјална штета. Украина продолжува да пружа отпор, но притисокот расте, не само на бојното поле, туку и на дипломатски план, каде што меѓународната заедница сè уште се обидува да најде одржливо решение. Во ваков контекст, прашањето не е само колку долго ќе трае конфликтот, туку и какви ќе бидат неговите последици за европската и глобалната безбедност бидејќи се затегнуваат односите на Релација ЕУ-САД-Русија.

Проф. д-р Оливер Андонов во изјава за „Локално“ нагласува дека состојбата не треба да се поврзува само со затегнатоста во Украина, туку и со затекнатоста на Европската Унија во целина. Според него, Европа е под сериозен удар, бидејќи војната се води на нејзина територија, а тоа ја прави индиректно засегната дури и кога директниот напад е насочен кон Украина. Тој вели дека војната има пошироки геополитички димензии и оти руските напади, кои вклучуваат балистички ракети и дронови, се дел од поширока стратегија на Владимир Путин. Тој потенцира дека интересот на американски претседател Доналд Трамп не треба да се поистоветува со интересот на САД, бидејќи, како што посочува, се однесува исклучиво на природните богатства на Украина. Андонов оценува дека ваквите условувања претставуваат преседани во поновата историја и сериозно го нарушуваат системот воспоставен по Втората светска војна.

„Не треба да се врзе само со затегнатоста на Украина, туку и со затекнатоста на Европската Унија. Европа е во прашање, а тука спаѓаат не само земјите членки, туку и сите земји од Европа. Сепак, војната се води на територија на Европа, и покрај тоа што Украина е најдиректно засегната, Европа е исто така индиректно засегната. Што дополнително да се каже, имам некое чувство, со оглед на интензитетот на нападите на Русија кои ги има кон Украина – и со балистички ракети и со дронови. Сметам дека Путин си поигрува со Трамп и ја влече приказната, колку што може да изврши притисок. Од друга страна, можеме да видиме дека интересот на Трамп – не би ги споредил САД во тој контекст – туку исклучиво на Трамп се однесува на природните богатства на Украина. И тоа е многу непријатно, кога вие доведувате земја, нападната од трета сила, да бара од вас поради заштита, поради помош, да ви отстапи дел од националното богатство. Ова се преседани во поновата историја. Ова е нарушување на системот воспоставен по Втората светска војна и нас, малите земји, треба да нè засега“ смета Андонов.

Андонов потенцира дека изјавите на администрацијата на Доналд Трамп се често несериозни, непостојани и политички неусогласени. Како што вели, нивните ставови се менуваат од ден во ден, што создава нестабилност и недоверба во однос на нивната надворешна политика. Тој вели дека се преговара со фактор кој врши притисок врз жртвата во конфликтот – Украина, додека истовремено Русија спроведува масовни напади со оружје со голема разорна моќ. Андонов смета дека е дволично од страна на САД што, наместо директно да се спротивстават на Русија, тие вршат притисок врз Украина. Професорот заклучува дека условувањата кои доаѓаат и од едната и од другата страна создаваат слика за крајно нејасна и нестабилна улога на САД во тековниот конфликт.

„Тоа што ќе го каже администрацијата на Трамп е понекогаш несоодветна, непостојана и смешна, затоа што до пладне важи, попладне не важи политичкиот став. Нема конзистентност во политичките ставови. Вие преговарате со некој што врши притисок врз страната која е жртва во агресијата, т.е. Украина. Врши такви масовни напади со оружје со голема разорна моќ, кои, покрај Суми и Криви Рог, може да се случат и во Киев – само за да се изврши притисок врз Украинците да прифатат нешто во што не учествуваат. Тоа е дволично од страна на САД. Наместо јасно да ѝ стават до знаење на Русија дека ќе одобрат оружје со кое Киев ќе може да ја досегне и Москва, за Русија да биде принудена да прифати мир, САД вршат притисок врз Украина, а Русија непосредно врши притисок со воени дејства, напаѓаат цивили, со што Русија сака да ја скрши борбеноста на украинскиот народ. Тоа се условувања од едната и другата страна, што ни дава за право да констатираме дека е многу нејасна улогата на САД“ нагласува универзитетскиот професор.

Андонов го истакна сериозниот ризик од нарушување на меѓународното право и поредок од страна на Русија, која продолжува да ги задржува окупираните територии во Украина. Според него, овие постапки не само што ги загрозуваат суверенитетот и територијалната интегритет на Украина, туку и создаваат опасност за целокупниот меѓународен поредок. Андонов смета дека присуството на Британски и Француски војници во Украина може да биде исклучиво мировно. Според него, ова не може да се спореди со поделбата на Германија по Втората светска војна, кога земјата беше поделена на четири окупациони зони. Тој додава дека со вклучување на европски сили во конфликтот се отвораат прашања за формирање на мировни сили, чија цел би била разделување на силите на фронтот и почеток на реинтеграција на окупираните територии.

„Тоа се шпекулации, и Русија сака да го наруши меѓународното право и меѓународниот поредок со задржување на освоените територии што ги окупираше, а тоа се делови од Луганск и Доњецк, сè до Херсон и до источниот брег на реката Дњепар, долу на југот на Украина, пред влезот во Црното Море. Од друга страна, доаѓањето на британски и француски војници – тоа не е окупациона зона како по Втората светска војна, кога Германија беше поделена на четири окупациони зони. Тоа буквално значи дека со доаѓањето на овие војски мора да се вклучат и други европски сили како претставници на европското НАТО. Учество на европски мировни сили би требало да значи разделување на силите на фронтот за да се започне со реинтеграција на окупираната територија. Тогаш може да дојдат до израз разговорите за човековите права. Сега, секоја од страните се обидува да добие предност, па затоа украински војници навлегуваат во некои делови од Русија за да ѝ покажат дека не е неранлива. Од друга страна, мислам дека се шпекулира со улогата на француските и британските сили. И ако одиме по таа логика – да бидат дел од мировните сили – што би значело тоа? Дека сега делот што е окупиран од Русија треба да потпадне под меѓународно управување на Европската Унија, под француска и британска заштита? За мене таа логика би значела дека, ако треба да се создаде тампон-зона на територијата што ја освоила Русија, тогаш зошто токму тој појас и со која цел?“ смета Андонов

Професорот додаде дека Украина се наоѓа во многу тешка и непријатна ситуација, бидејќи не е членка на Европската Унија и НАТО и мора да бара помош од сите можни извори. Тој смета дека клучниот предизвик е да се балансира односот со САД, која обезбедува оружје и електронска опрема, но истовремено треба да се одржи добар однос со Европската Унија. Андонов додаде дека Украина мора внимателно да маневрира и со САД, кои имаат потенцијална закана да ги исклучат сателитите што се клучни за комуникацијата и координацијата во текот на конфликтот. Тој истакна дека оваа закана, која веќе беше најавена од Илон Маск, сè уште претставува голем ризик за Украина. Според него, иако Украина мора да биде внимателна со САД, земјата се потпира сè повеќе на Европа.

„Мора да разбереме дека Украина се наоѓа во многу непријатна состојба. Таа не е членка на ЕУ и НАТО, и бара помош од сите страни. Тука се покажува вештината на политиката – да се балансира и со САД, која ѝ обезбедува оружје на Украина, особено во поглед на користењето на електронска опрема и сателити. Постои можност тие да ѝ бидат исклучени, нели веќе имаше закана од Маск дека ќе ги исклучи сателитите, и таа закана сè уште стои како опција. Оттука, Украина мора внимателно да балансира со САД, но истовремено мислам дека сè повеќе се потпира на Европа. За ЕУ е многу поважно Украина да опстои, бидејќи таа претставува тампон-зона меѓу Европската Унија и Русија. Ако Украина не постои, тогаш нема да ја имаме таа тампон-зона, и ЕУ директно ќе се граничи со режимот во Кремљ, што претставува директна опасност за Европа. Затоа е сосема очекувано Европа да обезбедува повеќе ресурси за Украина, бидејќи чувствува директна територијална загрозеност од Русија“ изјави Андонов.

Андонов нагласи дека додека трае војната во Украина, избори не се можни. Тој кажа дека Украина донела посебен закон поради фактот што над 20% од нејзината територија не ја контролира. Според Андонов, ако некој сака да го тестира политички Зеленски, според професорот тој има шанси да опстане, но Андонов нагласува дека истовремено и САД и Русија имаат свои интереси, бидејќи секој како што вели професорот се обидува да постави политичар кој ќе биде или проруски настроен, или ќе биде послушен на администрацијата на Трамп и ќе се согласи со сè што тие ќе кажат. Професорот е дециден дека таквиот избор би бил поразителен за украинскиот народ и за самата Украина. Тој потенцира дека не е јасно што би било поголем пораз – дали жртвите во војната или распродавањето на територијата.

„Додека трае војната во Украина, нема избори и тоа е сосема нормално. Украина донесе посебен закон, бидејќи над 20% од нејзината територија не ја контролира. Ако некој сака политички да го тестира Зеленски во внатрешноста на Украина, сметам дека тој има шанси да опстане, иако и САД и Русија имаат своја математика – секој се обидува да доведе политичар кој ќе биде проруски или послушен на администрацијата на Трамп и кој ќе се согласи со сè што тие ќе кажат. Тоа би било поразително за украинскиот народ, а исто така и за самата Украина. Не е ни јасно што би било поголем пораз – жртвите во војната или распродавањето на територијата. Сега сите забораваме на гаранциите од Будимпешта дадени на Украина во 1994 година – дека, ако се откаже од нуклеарното оружје, ќе ѝ биде гарантиран територијалниот интегритет. Еве, 30 години подоцна, сведочиме на војна. Да имаше Украина нуклеарно оружје, сигурно дека сите ќе се однесуваа поинаку кон неа. Зеленски може да ги преживее преговорите, но тоа зависи од него – колку ќе успее да го убеди сопствениот народ дека ќе го брани интересот на Украина и ќе води истрајна војна“ завршува Андонов.

Д.Ѓ

Слични содржини