Интересот за влез на телекомуникацискиот пазар во Македонија, што неодамна го изрази 4iG групацијата за дел од експертската јавност не е никаков изненадувачки чекор. Во ситуација во која според Борис Арсов, доктор на науки по комуникациски мрежи претходната Влада не се потрудила да покаже интерес за влегување на трет мобилен мржен оператор, интересот на јавноста вели тој, е очекувано голем, дополнително што ваквата иницијатива ветува значителни придобивки и за граѓаните и за самите оператори.
-Очекувањата се оправдани, и практиката тоа го покажала и во други држави, каде нема монопол или дуопол во делот на мобилните електронски комуникациски услуги. Цените на услугите секако дека би се намалиле, кога би влегол на пазарот и трет мобилен мрежен оператор, во делот на мобилните електронски комуникациски услуги. За фиксните електронски комуникациски услуги ќе видиме како ќе се одвиваат работите, бидејки се работи за различни видови на технологии односно се работи за услуги кои се даваат преку фиксна електронска комуникациска мрежа, вели во интервју за „Локално“, Борис Арсов.
Обвинувањата на дел од јавноста, дека влезот на новиот оператор се договара во четири очи и дека Македонија се повеќе се приблужува на Унгарија, за Арсов се неосновани.
-Ваквиот начин на влегување на трет мобилен оператор треба да се сфати како влегување на било која странска инвестиција во Македонија, која ќе вработи наши сограѓани, ќе користи наши средства, ќе гради соптвена инфраструктура во кои би биле вклучени наши компании, како изведувачи или подизведувачи, па понатаму истата ќе плаќа даноци во Македонија итн. Од друга страна сметам дека Македонија треба да се зближува економски и политички со секоја држава која нашата подадена рака за соработка соодветно ќе ја прифати и ќе соработува со Македонија под исти услови, на заедничко задоволство и во заеднички интерес. Во овој случај конкретно тоа е Унгарија. Утре тоа може да биде воспоставена соработка со некоја друга Европска држава, па и не-Европска држава да е, зошто да не? , објаснува Арсов.
Се поизвесниот влез на унгарската групација 4иГ на македонскиот телекомуникациски пазар го разбранува домашниот сектор, но подеднакво предизвика и интерес кај јавноста. Дали според Вас ваквиот чекор беше изненадувачки, особено ако се има предвид дека во изминатиот период имаше интерес од ваков продор и од други држави?
-Секако дека не е изненадувачки чекор, имајќи предвид дека претходната Влада не се ни потруди да покаже интерес за влегување на трет мобилен мрежен оператор во Македонија. Од друга страна и во самата програма на владеачката партија и Владата на Македонија во делот на развој на пазарот на електронски комуникации (во секоја смисла на зборот и технички и финансиски) стои воведување на трет мобилен мрежен ператор и превземање на соодветни регулативни мерки за зголемување на конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор и намалување на цените на мобилните телекомуникациски услуги. Интересот кај јавноста нормално и очекувано да е голем во оваа насока, бидејќи предолго се чакаше можноста да се дојде до ваков чекор и очекувам да биде со огромна позитива прифатен ваквиот Владин чекор.
Дали на македонскиот пазар има место за уште еден оператор?
-На македонскиот пазар има место за уште еден оператор. На Македонија и е потребен трет мобилен мрежен оператор. Да објаснам што значи мобилен мрежен оператор (МНО) и која е разликата помеѓу мрежен мобилен оператор и виртуелен мобилен оператор (МВО). Разликата е во тоа што Мрежниот мобилен оператор има своја изградена мрежна инфраструктура (МНО се кај нас двата мобилни оператори Македонски телеком и А1 Македонија), додека пак Виртуелен мобилен оператор е оној оператор кој дава мобилни електронски комуникациски услуги, но користи изнајмена мрежна инфраструктура на постоечките Мрежни мобилни оператори (МВО кај нас се четирите мобилни оператори ЛајкМобиле, Телекабел, М-Тел и Грин Телеком). Така што во моментот Македонија е во група заедно со Албанија и Косово кои имаат два Мобилни мрежни оператори. По еден мрежен оператор имаат државите како Андора, Гибралтар, Монако, додека пак три мрежни мобилни оператори имаат на пример државите како Лихтеншатјн, Црна Гора, Србија, Босна, Хрватска, Фарски Острови, Малта, Естонија, Исланд, Сан Марино, а Кипар, Словенија, Молдавија, Луксенбург,имаат по четири Мрежни мобилни оператори. Како што може да се забалежи постојат во Европа држави со помал или ист пазар со Македонија, а имаат по три или четири мобилни мрежни оператори.
4iG Групацијата кој е втор по големина телекомуникациски оператор во Унгарија, присутна е и на пазарите во Црна Гора и Албанија преку брендот „Уан“. Во колкава мерка е во наш интерес ваквото поврзување?
-Секаков вид на меѓу државно поврзување преку мобилни електронски комуникациски мрежи или преку фиксно електронски комуникациски мрежи носи само придобивка, како за Македонија така и за граѓаните на Македонија. Во тој контекст и самите Оператори кои нудат било какви видови на електронски комуникациски услуги, со самото поврзување на ниво помеѓу државите на овие простори ќе имаат свои интерес и придобивки. Тоа што е најавено влез на мобилен оператор во Македонија од Унгарија е секако одлично, но во нашиот случај важно е да постои интерес за влез на мобилни оператори од било која држава.
Од Владата излегоа со став дека влезот на трет мобилен оператор ќе значи зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија. Колку се оправадани ваквите очекувања?
-Според мене очекувањата се оправдани, и практиката тоа го покажала и во други држави, каде нема монопол или дуопол во делот на мобилните електронски комуникациски услуги. Цените на услугите секако дека би се намалиле, кога би влегол на пазарот и трет мобилен мрежен оператор, во делот на мобилните електронски комуникациски услуги. За фиксните електронски комуникациски услуги ќе видиме како ќе се одвиваат работите, бидејки се работи за различни видови на технологии односно се работи за услуги кои се даваат преку фиксна електронска комуникациска мрежа. Секако дека придобивка ќе имаат и оние корисници кои користат пакет на услуги составени од услуги кои се добиваат преку мобилна електронска комуникациска мрежа и фиксна електронска комуникациска мрежа. Тоа значи дека ако се намали едната ставка (мобилните услуги), би се намалил и пакетот на услуги кои го користат корисниците.
Дали имаат основа обвинувањата дека влезот на новиот телеком оператор се договара во четири очи и без постапка за најповолна или најдобра понуда, но и дека на овој начин Македонија уште повеќе се приближува до Унгарија, и тоа во политичка, но и во економска смисла.
-Јас мислам, а и според моите сознанија, ваквите обвинувања не се основани. Тоа е затоа што ваквата постапка и избор на телеком мобилен оператор, не се реализира со обична објава на јавен тендер-оглас. Пак се објавува Оглас, но со поинакви услови и не оди со “ натпревар “ Ваквиот начин на влегување на трет мобилен оператор треба да се сфати (вака сликовито кажано) како влегување на било која странска инвестиција во Македонија, која ќе вработи наши сограѓани, ќе користи наши средства, ќе гради сопствена инфраструктура во кои би биле вклучени наши компании, како изведувачи или подизведувачи, па понатаму истата ќе плаќа даноци во Македонија итн. Да се потсетиме на кој начин влегоа претходните мобилни мрежни оператори, па и виртуелите мобилни оператори? Процедурата не беше со објава на Јавен оглас и да се јават десет заинтересирани оператори кои ги нема, па кој добие. Настаните односно нивното влегување и појавување на Македонскиот пазар беше еден по еден, и да имаше Јавен оглас за секој посебно со определени критериуми, односно истиот беше објавен оној момент кога тие имаа желба и беа подготвени да дојдат во Македонија (говорам за тогашен Космофон, ВИП Оператор), а и Македонските сопственици на виртуелни мобилни оператори исто така кога беа технички подготвени да понудат и мобилни електронски комуникациски услуги и да ги исполнат условите Законски дефинирани, соодветно добија дозвола за тоа. Исто така и постапката за добивање на нотификација или регистрација за фиксен електронски комуниукациски оператор се добива лесно, без јавен оглас, а може да се појави секој и истата да ја добие, и тоа оној кој смета дека може да е конкурентен на пазарот на електронски комуникациски услуги и истите да ги понуди на корисниците Така е согласно Законот за електронски комуникации. Генерално кажано пак и секоја компанија која има можност да добие дозвола за работа како оператор на електронски комуникациски мрежи и услуги, треба да изполнува посебни технички критериуми дефинирани согласно Законот за електронски комуникации.
Од друга страна сметам дека Македонија треба да се зближува економски и политички со секоја држава која нашата подадена рака за соработка соодветно ќе ја прифати и ќе соработува со Македонија под исти услови, на заедничко задоволство и во заеднички интерес. Во овој случај конкретно тоа е Унгарија. Утре тоа може да биде воспоставена соработка со некоја друга Европска држава, па и не-Европска држава да е, зошто да не? Најважно според мене е Македонија во секој поглед да оди напред и да успее да излезе од моменталната состојба и од постојните проблеми со кои се соочува во секоја област, да успее да ја задржи во Македонија младата популација и намали миграцијата и конечно еден ден да доживееме Македонија да биде одлично и посакувано место за живеење за секој граѓанин. Сведоци сме дека работите полека почнуваат да одат на подобро, а зошто да не биде така и во областа на телекомуникациите?