Проф. д-р Гордана Попсимонова: Знаењето оди во втор план, Болоњскиот процес воопшто не постои во Македонија

од desk3
133 прегледи

Проф. д-р Гордана Попсимонова од Факултетот за земјоделски науки и храна, во интервју за невладината Мугра ги изнесе своите гледишта поврзани со Болоњскиот процес и бесплатното образование.

gpsimonova-int-625x320

Како гледате на Болоњскиот процес во Македонија? Дали е адекватен за создавање кадри за работни места, развивање критичка мисла кај студентите, или двете?

Кратко и јасно: Болоњскиот процес е реформа на европското образование со многу длабока и добра идеја да ги задоволи потребите на пазарот на трудот и да се подигне мобилноста на студентите. За жал, дури ни во високоразвиените економии, реформите не одговориле на поставените барања. На пример, основната идеја беше минимум 20 отсто од студентите во Европа да дипломираат во странство, односно надвор од нивната домицилна држава. Што се однесува до образовните профили кои се прозведуваат, истите економии се жалат дека само 70 проценти од дипломираните студенти („bachelor“, или по нашите поранешни критериуми – ВСС) можат да се вработат. Во Македонија не е направена конкретна анализа за ваквите тенденции, меѓутоа, во регионот, бројот на студенти со 180 ЕКТС (односно тригодишно образование) кои можат да се вработат, изнесува одвај над 10 отсто. Тоа, во превод значи, дека како и кај нас, огромен број студенти буквално се принудени да одат на последипломски студии. Тоа пак, е нешто кое чини и студентите го плаќаат од сопствениот џеб, без гаранција дека и како такви, ќе најдат вработувања.

Заев: Избори во април, јуни или дури во септември, тоа ќе се договориме со Хан

Вториот голем недостаток на Болоњскиот процес е што тој воопшто не постои во Македонија. Ја прифативме само формата, како професори ги оптоваруваме студентите со домашни задачи, периодични тестови, семинарски работи, есеи и сл., при што на истите тие студенти им го одземаме времето за учење. Целиот процес кај нас многу повеќе е сведен на форма, а многу помалку на содржина. Знаењето оди во втор план. Мобилноста на студентите пак, не се реализира ни во рамките на Република Македонија меѓу разните единици на универзитетите, а не пак мобилноста надвор од границите на нашата држава. Да заклучам – неопходна е реформа на Болоњската реформа, што всушност е потврдено и со иницијативата на европските министри за образование во „Стратегијата за мобилност 2020“.

Како би можела да се подобри ситуацијата во образованието кога е во прашање Болоњскиот процес? Негово укинување или подобрување, во кои аспекти?

Ние во Македонија имаме акутен недостаток од релевантна анализа на пазарот на трудот. Ако не знаеме какви стручни профили ни се потребни, како би можеле да знаеме каков профил на студенти да подготвуваме. Ситуацијата во Македонија воопшто не е зрела за некакво буквално пресликување на Болоња, односно неопходен ни е еден преоден период од најмалку 10-тина години. Според мене, на Македонија во моментов ѝ се многу попотребни стручни средни училишта и добро обучени високостручни кадри, отколку формална и формализирана хиперпродукција на високообразовни кадри. Сметам дека идните реформи во образованието би требало да се движат во тој правец, односно да се засноваат на поинакви стојалишта. Конечно, треба да се отрезниме и да се освестиме дека со буџет за образование и наука помал од два отсто (кој, патем речено, е 10 пати помал од предвидениот со Стратегиијата за развој на образованието во РМ до 2016 г.),
Болоња е прилично скапа работа. На пример, секој наставник треба да работи со група од најмногу 20 студенти, а во таквата релација, ние се соочуваме со недостаток на наставен кадар. Немаме доволно училници, кабинети и лаборатории. Немаме пари за да да ги испратиме студентите на пракса. За сите овие горливи прашања, требаше да биде задолжен Советот за образование и наука, кој никогаш не профункционира, затоа што нема пари. Да резимирам – Болоња не може да се реализира во амфитетар со илјада студенти, како што е кај нас. Тоа е пародија на Болоњскиот процес.

Кое е вашето мислење за студентската репрезентативност во Универзитетот, вклучувајќи го моменталниот, како и можни или идни модели за нејзино остварување?

Сегашната позиција на студентите, според моето скромно мислење, е исклучително пасивна во однос на животот и просперитетот на универзитетите. Факт е дека тие се претставени од Студентскиот парламент во работата на Наставно-научните совети на факултетите и во телата на управување на универзитетите. Факт е дека учествуваат и во оценувањето на наставниот кадар и дека истата таа оценка е еден од параметрите според кои ние професорите се избираме во повисоки наставни звања. Меѓутоа, ниту едното, ниту другото, не значат адекватна репрезентативност на студентите во високообразовниот процес. Напротив, неретко овие претставници стануваат инструмент за партиска контрола на академијата. Впрочем, во моментов тоа и се, и тоа треба јавно да си го признаеме.

Околу бесплатното образование, дали мислите дека е возможно и како?

Вистинското прашање е – дали е нормално 90 отсто од матурантите да се запишуваат на факултет? Бесплатното високо образование има смисла само ако ја подразбира интелектуалната елита на младите, односно ако тоа само по себе биде образовна, а не социјална или политичка категорија. Во ситуација на целосна пореметеност на суштината на високото образование, не знам колку е возможно да говориме за платено или бесплатно образование. Мислам дека поважно е образованието најнапред да биде образование, а не нешто друго.

Што мислите за односот меѓу власта и студентите и како тој е рефлектиран во постојаните напади кон автономијата?

Претходно споменав дека Студентскиот парламент кај нас во одредени ситуации се модифицира како политичко орудие против универзитетската автономија. Тоа значи дека власта се обидува на сите начини да ја еродира истата таа автономија. Студентите и професорите кои мислат поинаку, се прогласуваат за народни непријатели, предавници, странски платеници и слично. А ние разговараме за Болоња! Има тука една фина иронија, нели?

 

Извор: МУГРА