Поради пандемијата на Kовид-19 луѓето се истовремено изложени на сплет од повеќе стресни искуства: ризикот од инфекција, пред сѐ, на поранливите групи и можноста здравствениот систем да обезбеди соодветен третман за растечкиот број пациенти, брзите промени во начинот на живот кои одеднаш целосно ни го видоизменија секојдневието, финансиски тешкотии… Колку повеќе барања се поставуваат пред нас на кои треба да се приспособиме, толку поинтензивни може да бидат нашите реакции на нив, вели проф. д-р Катерина Наумова од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет во Скопје во разговор со „Локално“.
Меѓутоа не реагираме сите еднакво кога се соочуваме со стресни или кризни животни настани, оттука и препораките за заштита на менталното здравје или справувањето со стресот, како што наведува Наумова, е препорачливо да бидат колку е можно поусогласени на специфичните животни околности во кои секој од нас ја искусува оваа, по многу нешта, уникатна колективна кризна состојба.
„Секако дека сугестиите за грижа за физичкото и менталното здравје (здрава исхрана, почеста психофизичка активност, релаксација, 5-7 часа спиење, одржување виртуелни социјални контакти, реорганизирање на дневните активности…) кои со колегите и кај нас и во светот сѐ поинтензивно ги потенцираме се исклучително важни, но во морето совети со кои луѓето сега се преплавени, тие лесно може да се претворат во уште една наметната рутина која одеднаш треба да се „присвои“. Од големиот број достапни стручни препораки, најсоодветно е секој да ги избере и практикува оние што ги доживува како најполезни лично за себе. Тоа не значи дека не треба да испробуваме нови активности, особено што за да го почувствуваме ефектот од некои препорачани методи, како, на пример, техники на дишење, релаксација, потребни се повеќе обиди, туку дека е пожелно да се ослободиме од исчекувањето дека ако нешто е корисно за другите, мора да биде корисно и за мене“, истакна таа.
Дланките да се држат под нивото на рамениците
Здравствените психолози кои го истражуваат однесувањето на луѓето, особено во контекст на јавното здравје, посочуваат дека за да се промени одредено однесување потребна е мотивираност, способност и услови/можности тоа да се применува. На пример, препораката да не се допира лицето звучи едноставно, но тоа го правиме десетици пати само во еден час, сосем автоматски и затоа не успеваме веднаш да се однесуваме поинаку. Препорака е да се предложи друго спротивно однесување како замена на оваа несвесна постапка, на пример, „дланките да се држат под нивото на рамениците“, советува професорката.
Анксиозноста и гадењето/одбивноста
Наумова вели дека психолошките истражувања покажуваат дека две емоционални состојби се особено важни при процената на здравствените ризици – анксиозноста и гадењето/одбивноста. До одреден степен двете се полезни за придржување до практики кои го штитат здравјето, но кога се прекумерно изразени водат или до бесполезно и нерационално однесување или до одбранбено избегнување на реалноста со цел да се минимизира заканата.
Затоа е важно и како се пренесуваат пораките поврзани со здравствените ризици во јавноста. Користење на термините „злобен вирус“, „невидлив непријател“, „паника“ може да бидат контрапродуктивни, зашто освен што ги интензивира двете наведени емоции, влијае и на менталниот модел што луѓето го создаваат за тековната ситуација, особено како ги толкуваат и вреднуваат своите постапки. На пример, дали физичкото дистанцирање ќе го доживееме како форма на беспомошност и пасивност или активен ангажман во намалувањето на последиците од ширењето на вирусот.
Прекумерното купување намирници е одраз на перцепцијата дека немаат контрола врз случувањата
Нерационалното однесување, како прекумерното купување намирници, кое исто така, често се јавува кај дел од луѓето при соочување со нова и непозната закана, е одраз на перцепцијата дека немаат контрола врз случувањата.
„Во новите дневни рутини кои е неопходно да ги воспоставиме, помага ако разумно, а не катастрофично, проактивно се справуваме со стресот. Тоа значи најпрво да ги идентификуваме тековните, но и потенцијални идни главни извори на стрес и вознемиреност, да направиме план како во овие околности можеме да одговориме на нив, наместо едноставно автоматски да реагираме, но и да препознаеме дека некои нешта се вон наша контрола. Очекувано е во вакви услови да бидеме анксиозни, загрижени и да имаме поголема потреба од социјална поддршка, но важно е да знаеме и дека е потребно одредено време за постепено да почнеме да се приспособуваме на извесноста на неизвесноста. Некој ќе успее побрзо самостојно да се реорганизира и психолошки да се приспособи, некому е потребен подолг период и поголема поддршка“, рече таа.
Важно е луѓето да побараат професионална помош и поддршка сега
Со оглед на тоа што не можеме во овој момент да го предвидиме текот на пандемијата и обемот на последователните здравствени, економски и севкупни општествени последици, може да се претпостави дека дел од луѓето ќе доживеат подолготрајно влошување на психолошкото функционирање, токму поради сложената испреплетеност на ограничени ресурси за задоволување на животните потреби. Затоа е важно, препорачува Наумова, луѓето да побараат професионална помош и поддршка сега, зашто на тој начин може да ја зголемат психолошката отпорност и издржливост.
Колективните кризни состојби не водат автоматски до психолошка апокалипса
Меѓутоа треба да се напомене и дека колективните кризни состојби не водат автоматски до психолошка апокалипса.
„Практиката и истражувањата покажуваат дека како што истовремено треба будно да го следиме ризикот од појава на посериозни психички последици кај одреден процент од популацијата, не треба да ги занемариме и капацитетите за адаптивно приспособување кои луѓето не само што ги манифестираат во овие околности, туку и ги надградуваат и развиваат“, заклучува проф. д-р Наумова.
С.К.