146
„Јазикот е систем или дух, а тоа ниту се признава, ниту има потреба да се докажува, туку се потврдува и се прифаќа“ изјави професорот по историја на македонски јазик Димитар Пандев на прославата на 24 Мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј.
Тој додаде дека јазикот е општствена институција, со своја јазична санкција која отвора простор за јазична норма, а таа пак за кодификација на народниот јазик во литературен, врз основа на бесконечен корпус текстови кои постојано се пресоздаваат, како што се непрегледен списокот текстови за Кирил и Методиј.
„Јазикот е трезор во кој се чува народното јазично богатство во онаа смисла во која македонскиот јазик се вдомил во текстови засведочени од свети Климентово време до денес. И, се разбира, во овие наши денешни искажувања во чест и слава на светите браќа“ рече професорот Пандев.
Тој додаде дека словенскиот свет овозможил формирање на значителен број на литературни јазици со изразити граматички особености и со доловени лексички значења, а тоа е резултат на јазичните вкрстувања на култури и цивилизации.
„А една од клучните точки на јазичните вкрстувања меѓу различни светови и на стилските синтези во книжевностите била и останува за навек Македонија ‒ лулката на словенската писменост. Ние, Македонците, отсекогаш сме го знаеле тоа, зашто од овде, од Охрид, сме го имале како свети Климентов завет“ рече професорот Пандев.