Проф. Димовски: Настаните во Украина не се директно поврзани со лажните дојави за бомби кај нас

од Nikola Popovski
325 прегледи

Речиси секој ден од 26-ти октомври на електронските адреси на скопските средни училишта почнаа да пристигнуваат заканувачки мејлови за поставени бомби. Изминативе денови заканувачки пораки добија и некои скопски основни училишта, како и училишта во градовите во внатрешноста на земјата. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски обелодени дека станува збор за пријави испратени од адреса со домен во САД.-Според првичните сознанија коишто ги добивме станува збор за домен креиран надвор односно во САД и тоа покажува за сериозноста на ваквите хибридни напади. Многу тешко е обезбедување на сите докази бидејќи станува збор за транснационален криминал. Така да по добивање на каков било податок стапено е во контакт со надлежните служби и партнерските служби за да бидеме во ситуација да обезбедиме повеќе докази и да може да се прекине целиот овој процес, рече Спасовски пред два дена.

Професорот Златко Димовски од Факултетот за Безбедност во разговор за „Локално“ вели дека оваа активност е рефлексија на случувањата од нашето соседство.

-Имено претходно во Србија, БиХ, Хрватска имаше вакви појави. Кај нас се случуваат малку покасно. Стана пракса да сите негативни и девијантни појави кои се случуваат кај соседите да се пренесуваат и кај нас. Веднаш по случувањата кај нив потребно беше да се направи проценка на ранливоста на нашето општество и градење на резилиентност во правец на подготовка за вакви појавни облици на нарушување на безбедноста, истакна Димовски.

Според него, овие активности се координирани и зафаќаат средини и лица од помлада популација на кои се врши атак. Тој појаснува дека ваквите дејствија кај младите ќе придонесат да стекнат чувство на страв, безнадежност и губење на довербата во системот и институциите за спроведување на законите.

-Дополнително, се заплашуваат родителите и се постигнува амбиент на паника, неодлучност дали да се праќаат децата на училиште или не и да се реагира панично во ситуации кога ќе се слушне дека има закана со наводно поставена експлозивна направа во училиштето, каде се наоѓа своето дете. Во таквата ситуација чувството на беспомошност и стравот се вградуваат во психолошката структура на личноста и таа станува со појак интензитет. Таквите појави ја деградираат психолошката стабилност на личноста, појаснува Димовски.

Согласно оперативните процедури на секоја дојава задолжително е постапување на полициските служби во правец на обезбедување на местото на потенцијалниот настан, евакуација и пребарување со посебно обучени лица или користење на опрема за откривање на евентуално поставени направи, информира професорот. Тој истакнува дека долгото лажно дојавување иницира постигнување на ефект на веќе баналност во постапувањата на полициските служби и тоа може да предизвика дополнителен проблем.

-Употребата на терминот ,„хибридни закани“ или „хибридна војна“ сметам и верувам дека дополнително ја подигнува тензијата кај граѓаните, кои не го знаат терминот, опсегот и начините на експликација на таквите закани. Во ситуации на непознавање или синонимно препознавање на терминот, кој во основа содржи недефиниран број на дејствија кои можат негативно и штетно да влијаат на нормалното живеење, е проблем кој ја дигна на нозе јавноста и создаде дополнително паника, страв и ужаснување. Овој термин, а и воопшто термини кои се недоволно познати во јавноста и не се познава нивната реална содржина и опасност која ја предизвикуваат, не треба да бидат употребувани од официјални лица од институциите на државата. Таквите термини наидуваат на индивидуални толкувања кои сепак поради најавите на поставени експлозивни направи ја дигаат тензијата и го постигнуваат ефектот  кој се сака да се постигне со класично терористичко или друг вид на криминално дејствување, порачува професор Димовски.

Соговорникот е дециден дека војната во Украина само придонесува за објаснување и погрешно толкување на случувањата и давање на тежина на се што спаѓа во безбедносно случување. Во тој случај, професорот смета дека тие настани во Украина не се директно поврзани со овие случувања кај нас.

-Но, сигурно дека во услови на општа паника, страв од недостаток на храна, енергија и сл. само се засилува ефектот на тензирање на народот. Официјалните лица и новинарите, кои сакаат сензационалност мораат во вакви ситуации да постапуваа крајно претпазливо и секој изречен збор или напишана реченица мораат неколку пати да ја прочитаат пред да ја пуштат во етерот, затоа што мора да се разбере дека од другата страна тој што ја прима информацијата, не мора а и не треба да е стручњак од областите на безбедноста, па да знае и во суштина да ги разбира појавите и процесите. Мораме да градиме безбедносна култура кај сите граѓани, а најмногу кај оние што можат да предизвикаат масовна еуфорија, а тоа се официјалните лица од институциите и новинарите, ни посочува Димовски.

Тој оценува дека во ситуации како овие не е доволно да се сврти вниманието само кон МВР, затоа што поради природата на најавените можни сценарија, низа на други институции имаат ингеренции и обврски за дејствување, како превентивно, така и репресивно во правец на конкретно спротивставување на непосредните закани.

-Поради тоа, неопходно е изработка на јасна стратегија и акциони планови на сите чинители, секој во својот делокруг на дејствување и координација заради избегнување на преклопување, судир на ингеренции, недоволно ангажирање поради очекување на друг да се ангажира и сл. Координацијата на сите активности би требало да се реализира преку Координативното тело на безбедносно-разузнавачката заедница кое е формирано со посебен закон, потенцира професорот.

Додава дека спротивставувањето на ваквите појави најпрво би требало да содржи подигнување на свеста кај граѓаните за можноста од постоење на вакви појави, градење на капацитети за идентификување на носители на активности, создавање на отпорност кај граѓаните и институциите и увежбување начини за брза евакуација и подготовка на теренот за брзо дејствување на овластените и обучени лица.

-Исто така поради карактерот на појавните облици мора да се инсистира на здружување на расположливите капацитети и алоцирање на силите и средствата, почитување на принципот на единствено раководење, максимално искористување на средствата, легитимно собирање на информации и докази за лицата инволвирани во случувањата и сосема соодветно постапување во случаи на потребно реагирање. Многу важен дел е соработката на билатерална основа, потоа на меѓународна преку колективните тела за безбедност и соодветни организации и институции на ниво на Европа и пошироко. Преку соработката ќе добиваме сознанија, вештини и искуства како да се постапува и крајно како доколку се разоткријат би постапиле доколку се надвор од наша јурисдикција, наведува Димовски.

Се покажува и докажува, заклучува професорот, дека со изградена доверба помеѓу домашните и меѓународните институции се добива помош, можности за заеднички акции и делување во правец на пресекување на активностите и подведување под одговорност на сторителите на дејствијата.

-Се покажа дека настаниве поттикнуваат одредени лица да се обидат и тие да делуваат во посакувана насока и постигнување на сопствени индивидуални цели, како малолетникот кој е идентификуван, но тоа не е целта, целта е да се откријат иницијаторите, извршителите помагачите и крајно да се прекине севкупната недозволена  активност, категоричен е Димовски.

Н.П.

Слични содржини