Проф. Ѓуровски: Ремонтот на СДСМ мора да биде целосен и без исклучоци

од Vladimir Zorba

Неколку дена пред отпочнување на процедурата за вторите по ред внатрепартиски избори за нов претседател, најважно за СДСМ сега е дали има внатрешен капацитет да се надминат личните суети и индивидуалните проекции за политичката иднина, и да се застане зад целосно освежена, подмладена екипа која ќе треба да има партиско „мирно море“ за да може да се избори за враќање на довербата кај граѓаните до следното изборно соочување, кое може да се случи релативно брзо.

Ремонтот на партијата мора да биде целосен и без исклучоци, бидејќи следниот Премиер ќе мора политички да преживува со сенката на Заев, што не значи по автоматизам дека мора на грб да го влече и неговиот претходен кадровски избор. Од начинот на кој Заев и досегашното раководство во заминување ќе ја спроведува транзицијата на власта, ќе зависи дали квалитетни и искусни кадри ќе се нафатат да извршуваат партиски и државни должности. Треба да се земе предвид дека многумина се прашуваат дали социјалдемократскиот наратив воопшто има потенцијал за општествен пресврт, особено заради грешките кои упорно се повторуваат.

Тектонски промени за потребите на граѓаните

Дадените околности се премногу комплицирани за нови импровизации во одредени ресори. Едноставно, никој не сака да биде искористен за еднократна употреба. Убедувањата со приказните прифати ова или она за да ти се збогати CV-то, не поминува кај кадри со личен интегритет кои сакаат да бидат уверени дека постои искрена политичка волја за тектонски промени во ефикасноста на сервисирањето на потребите на граѓаните.

Опасност од партиска фрагментација и политичка маргинализација

Евентуалните внатрепартиски превирања што не се непознати за СДСМ, дополнително ќе ја ослабнат власта и ќе им дадат ветер во грб на опозицијата. Конечно, од овие процеси во голема мера зависи судбината на СДСМ, односно дали ќе остане голема партија или ќе влезе во процес на фрагментација и политичка маргинализација.
Кога дома сте одлучиле да реновирате, само молерисувањето на ѕидовите и внатрешното разместување на стариот мебел нема многу да помогне во средувањето на домот за да биде нов и покомотен.

Идниот лидер ќе биде “фрлен во оган”

Полека но сигурно се цртаат контурите или фото роботот на новиот лидер на СДСМ и мандатар за составување на нова Влада. Евентуалниот најавен како фаворит за наследник на Зоран Заев може да има проблем со легитимитетот, бидејќи претходно не излегол како кандидат за пратеник, носител на листа, или претендент за градоначалник, не победил на непосредни избори во државата, туку ќе биде предложен на моќни должности од својот претходник. За некои тоа е маана, но за други тоа може да биде предност бидејќи не бил дел од досегашните политичките драмолетки кои за кратко време потрошија многу политички кариери.

Како и да е, тоа е тешко бреме кое несомнено ќе се одрази на раководењето со новиот состав на владата, партијата и постојано ќе создава големи предизвици за односите во коалицијата, која е “де факто” и “де јуре” ќе биде договарана и креирана од Заев. Народски кажано, секој кој ќе се нафати во вакви околности да биде премиер ќе треба да се “фрли во оган”, особено ако се работи за личност која не ги минала претходно сите неопходни скалила во високата политика.

Идниот премиер може да биде нова страница во македонската политика

Уверен сум дека идниот Премиер може да биде нова страница во македонската политика, но само ако истата биде испишана од него. Дали неговиот учинок ќе остане празен лист хартија зависи од длабочината на резот кој самиот треба да го направи. Самиот треба да биде свесен дека ќе мора да плива во длабоките и студени води на реал политиката која е многу сурова и никогаш не простува губење време во празен од и погрешно избран тајминг за потезите.

Клучно за новиот претседател на СДСМ е дали ќе биде доволно решителен веднаш по непосредните партиски избори и добивање на полн легитимитет да направи своја екипа со која ќе ја бара довербата на делегатите на Конгрес на СДСМ, кој е логичен след на настаните после претседателските внатрепартиски избори.

За чувство на одговорност треба да се има лице, а не ѓон

Една од причините е потребата за преземање на сите конци во свои раце и зошто сите кои учествуваа во изборот за локалните и во носењето на одлуките на било кој начин, независно дали биде дел од раководните тела или беа кандидатите за локалните избори сега треба да направат чекор назад и да ја напуштат политиката и да ја споделат одговорноста како што тоа го направи Заев, зошто треба да имаат образ, а не ѓон. Некогаш во политиката чекорите назад создаваат шанса за нов почеток во иднина.

проф. д-р Марјан Ѓуровски

Слични содржини