Резервоарите на автобусите се заштитени и по правило не треба да дозволат во случај на сообраќајна незгода да дојде до опожарување на автобусот. Но, во дадениот случај се работи за сообраќајна незгода со многу специфики и од она што можам да го слушнам од одредени експерти, тие не ја отфрлаат можноста продорот на заштитната метална ограда да бил до резервоарите за гориво и во овој момент да дошло до појавата на пожарот, објаснува во интервју за „Локално“, проф.д-р Зоран Јошевски од Технички факултет Битола- отсек за сообраќај и транспорт.
Тој посочува дека има одредени аномалии на автопатот „Струма“ во делот на хоризонталната и вертикална сигнализација пред и на местото на незгодата
-Постоењето на разделно острово и метална ограда меѓу паркинг просторот за застанување од десната страна на коловозот од автопатот и коловозната лента којашто е наменета за динамички моторен сообраќај, сметам дека од безбедносен аспект е лошо решение. Проблемот се усложнува бидејќи ова проширување се наоѓа на делница која што најрпво се простира како кривина во лево, а потоа преминува како кривина во десно, објаснува прфесорот.
Во тек е истрагата за сообраќајката на автопатот Струма, а досегашните информации велат дека авобусот најверојатно се запалил од предната страна. Од ваше искуство, од што може толку брзо да пламне цел автобус?
-Во досегашната моја работа во делот на вештачење на сообраќајни незгоди, ова е прв случај каде што возилото/автобусот е опожарен и целосно изгорен за толку брзо време, коешто оневозможило поголем дел од патниците да го напуштат автобусот. Во овој дел, претпоставувам истрагата ќе вложи повеќе напори да ги открие и презентира причините кои довеле до брзо горење и неможност да се спасат патниците. Во изминатите денови, сведоци сме на низа шпекулации од тоа дека во автобусот било превезувано гориво, пиротехнички материјали, постоеле посебно вградени резервоари за шверц на гориво, па до тоа дека се работи за терористички акт. Сметам дека сите овие претпоставки ќе бидат во целост истражени и се она што нема материјална поткрепа ќе биде отфрлено.
Резервоарите на автобусите се заштитени и по правило не треба да дозволат во случај на сообраќајна незгода да дојде до опожарување на автобусот. Но, во дадениот случај се работи за сообраќајна незгода со многу специфики и од она што можам да го слушнам од одредени експерти, тие не ја отфрлаат можноста продорот на заштитната метална ограда да бил до резервоарите за гориво и во овој момент да дошло до појавата на пожарот. Но, и во една ваква ситуација, вештите лица коишто се занимаваат со оваа проблематика, треба да одговорат зошто опожарувањето настанало во толку краток временски период, односно што било катализатор на пожарот, а посебно ако се има во предвид дека сите современи автобуси имаат системи за заштита од пожари.
Откако се случи несреќата голем број на експерти посочија дека самата делница има некои недоследности при самата изградба, можно ли е одредените грешки во вакви проекции да бидат причина за една ваква несреќа?
-Од информациите кои ги добиваме од медиумите и пред се од колегите во Р.Бугарија, можам да констатирам дека има одредени пропусти во делот на напречниот профил на овој дел од автопатот и аномалии во делот на хоризонталната и вертикална сигнализација пред, и на местото на незгодата. Постоењето на разделно острово и метална ограда меѓу паркинг просторот за застанување од десната страна на коловозот од автопатот и коловозната лента којашто е наменета за динамички моторен сообраќај, сметам дека од безбедносен аспект е лошо решение. Проблемот се усложнува бидејќи ова проширување се наоѓа на делница која што најрпво се простира како кривина во лево, а потоа преминува како кривина во десно. За ситуацијата да стане покомплицирана, пред местото на незгодата непостојат сообраќајни знаци коишто ќе го информираат возачот за ова проширување, а хоризонталната сигнализација којашто го води возачот е скоро и невидлива.
Не се исклучува возачот да бил „лажно наведен“ да го насочи автобусот во десно, а водејќи се според хоризонталната сигнализација од десната страна и во моментот кога го забележал средишното разделно острово и метална ограда која го одделува паркинг просторот за застанување од десната страна на коловозот, возачот да се обидел да се врати на својата сообраќајна лента. Но, заради временско-просторната диспозиција возачот да немал можност да го избегне налетот во металната ограда. Истрагата ќе треба да утврди дали евентуалните посочени недоречености во делот на сообраќјната сигнализација биле круцијален фактор да се случи незгодата, или тие само придонеле да се случи сообраќјаната незгода.
Во Кривичниот законик, во делот за Сообраќајни деликти, не постои одговорност за правни лица. Во случајот кај Ласкарци компанијата „Дурмо турс“ не одговараше за техничката неисправност на автобусот. Доколку се утврди ваква неправилност кај „Беса транс“ експертите велат дека нема да има казна за превозникот. Потребни ли се промени во законикот?
-Ова е прашање пред се за експертите од областа на Кривичното право кои што би анализирале дали воведувањето на кривично дело коешто ќе го опфати и правниот субјект којшто врши превоз на патници би помогнало да се превенираат вакви видови на сообраќајни незгоди.
Она што би сакал да потенцирам е фактот дека секоја сообраќајна незгода е резултат на непочитување на предвидените законски одредби, било да се работи од возачите на моторни возила, лицата коишто се задолжени за одржување и грижа за техничката исправност на возилата, лицата коишто се грижат за одржување на патиштата, сообраќајната сигнализација и сл.
Доколку и денес постоечките законски решенија се почитуваат, повторувам се почитуваат од страна на сите инволвирани страни во процесот на превоз на патници, убеден сум дека ризиците од сообраќајни незгоди ќе ги сведеме на минимум.
Доколку автобус се движи со брзина над 100 км на час притоа возејќи товар колку може тој да биде стабилен и во непредвидени ситуации да изреагира?
-Управувањето на автобусите со брзини во ранг од 100 км/ч бара посебна психофизичка спремност од страна возачите, бара возач којшто е одморен, којшто не е иритиран со дополнителни нарушувачки елементи од типот на користење на мобилен телефон, отсуство на внимание и сл.
Имајќи во предвид дека се работи за голема маса на автобусот, брзините во ранг од 100 км/ч, бараат од возачот навремено да ги перцепира промените во сообраќајната ситуација и да не дозволи да биде доведен во ситуација да реагира со нагли промени во движењето, од причина што се работи за сериозна инерција на автобусот која лесно може да го дестабилизира и да доведе до губење на контролата над автобусот.
Кои се основните параметри кои треба да се исполнат за да еден автобус се пушти во меѓународен сообраќај?
-Секој превозник кога поднесува Барање за издавање на лиценца за вршење на превоз, тој е должен покрај останатите документи да достави и Уверение за исполнување на техничко-експлоатационите услови на возилото за пуштање во сообраќај. Имено, во Станица за технички преглед, потребно е да се констатира и да се провери состојбата и системите на автобусот од повеќе аспекти.
Покрај возачката дозвола, што треба да поседуваат возачите кои вршат меѓународен превоз?
-Секој професионален возач во меѓународниот превоз потребно е покрај останатите услови да поседува и сертификат за учество во меѓународниот транспорт, којшто го добива откако претходно го положил испитот кој го спроведува правен субјект којшто е избран од страна на Министерството за транспорт и врски. Имено, пред возачот да се стекне со право да полага испит за добивање на посочениот Сертификат, тој треба да посетува обука на којашто се стекнува со одредени познавања од делот на безбедноста во патниот сообраќај, транспортот на стока и превозот на патници во меѓународниот сообраќај, и сл.
Автобуост во кој загинаа 45 патници немал лиценца за меѓународен превоз, а возел од Скопје до Истанбул. Каде системот во оваа ситуација потфрли?
-Од информациите коишто ги изнесе Министерот за транспорт и врски, можеме да заклучи дека превозникот во дадениот случај поседувал лиценца за меѓународен слободен превоз на патници, но, автобусот којшто учествуваше во сообраќајната незгода во Р.Бугарија немал извод од лиценца за превоз. Ова значи дека овој автобус бил додаден на лиценцата за превоз без да биде известено Министрството за транспорт и врски за ваквите промени. Генерално, за секој автобус кој врши меѓународен превоз на патници, превозникот треба да приложи и соодветна документација дека поседува по минимум двајца возачи со сертификат за учество во меѓународниот транспорт.
Проверката дали секој автобус поседува извод од лиценца и дали секој возач има сертификат за учество во меѓународниот транспорт ја вршат царинските службеници при напуштање на државата. Фактот што овој автобус ја напуштил државата без да ги поседува потребните документи зборува за слабости во делот на контролата. Дека има сериозни пропусти во делот на контролата говори и и фактот што овој автобус ја напуштил државата во повеќе наврати изминатата година.
Во иднина, ќе треба да се размислува во насока на сериозни контроли во делот на исполнувањето на критериумите за вршење на домашен и меѓународен превоз на патници, но и подигнување на критериумите за стекнување со лиценца за превоз на патници.
Постои ли некое правило за тоа на кој временски период е потребна амортизацијата на автопатиштата?
– Проблемите со безбедноста на патиштата во поголем дел се резултат на пропусти уште во фазата на проектирање и изведба на патот, а поради лошите технички елементи на патот, како што се радиуси, напречни наклони, непрегледност или нефункционално решение на одредини клучки, вкрстосување и сл.. Но, проблемите со безбедноста исто така можат да настанат и со тек на експлоатација на патот, поради истрошеност на коловозот, пропаднувања на патот, појава на колотраги, оштетување на сигнализацијата и сл. Токму поради ова, потребно е континуирано следење на сите патни елементи коишто имаат влијание врз безбедноста на патот.
Б.М.