Проф. Калајџиев: Намерата не била да се загрози воздушниот сообраќај, притисокот да се притвора за секое дело е правен примитивизам

од Nikola Popovski
916 прегледи

Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај или обично насилство. Ваква полемика се поставува во јавноста по упадот во контролата на летање на при М-НАВ и нападот врз еден од вработените конотролори. Дојде и до разидување во ставовите на Кривичниот суд и Јавното обвинителство. Според Судот, не предложиле мерка притвор, туку мерки на претпазливост, поради тоа што Обвинителството не доставило цврсти докази за посоченото кривично дело.

Дел од експертите различно го толкуваат разидувањето меѓу судот и обвинителството во случајот со М-НАВ. Според професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, намерата не била да се загрози воздушниот сообраќај.

-Јас дадов мислење дека според мене не е такво кривично дело зошто намерата не била да се загрози сообраќајот. „Пресметката” (насилство) можела да биде и во Фудбалска федерација. Не велам дека треба ни да се занемари, рече Калајџиев за „Локално“.

На осомничените, додава професорот, ова треба да им се земе како отежнувачка околност или покрај насилство да се товарат за загрозување од небрежност.

Во однос на тоа што не беше предложен притвор за групата, Калајџиев истакнува дека Уставот оставил на судот да одлучи такво нешто.

-Притворот не смее да биде правило. Притворот не е брза казна. Има двоен услов: 1. да има сериозни сомневања за конкретното кривично дело и 2 основи за притвор: 2.1. опасност од бегство или 2.2 повторување на делото или 2.3 влијание врз доказите, информира кривичарот.

Калајџиев е дециден дека притисокот да се притвора по дефиниција за секое дело е правен примитивизам. Вели дека во минатото бевме често критикувани поради изрекување на мерката притвор што е во спротивност со меѓународната судска пракса каде оценките за донесување на притвор се прилично строги.

Позитивно е според него тоа што судот и пред одлучувањата на Кривичниот совет се обратил до јавноста за да образложи својата одлука, но професорот укажува дека жалбата на обвинителството на судската одлука значи непочитување на судот.

Немало докази од обвинителството за посоченото кривично дело, вака рекоа од Кривичниот суд по реакциите во јавноста. Поради неодредувањето притвор на Беким Незири и тројцата други осомничени за упадот во кулата на Македонска навигација. Од судот образложуваат лицата се товарат за извршување дело:

„Со кое ја загрозува или може да ја загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај, со користење уред, материја или оружје, незаконски и со намера да изврши дело на насилство против лице на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со која предизвикува или може да предизвика тешка повреда или смрт, или да уништи или оштети уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“, стои во соопштението од Кривичен.

Судија на претходна постапка оценил дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но тие не се во контекст на наведеното кривично дело па предлогот на јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело.

Ниту вонредниот инспекциски надзор на Агенцијата за цивилно воздухопловство покажал нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, ниту има пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај, велат од Кривичен. Обвинителството во жалбата ги образложило причините поради кои бара судот да им одреди притвор на осомничените.

Освен донесените одлуки за директори на местото на разрешените, Владата донела и одлука за вонреден инспекциски надзор, што премиерот не го смета за политички притисок. -Законска можност е да се врши вонреден надзор на работата на синдикатите во рамки на надлежностите кои ги спроведуваат, дали излегуваат надвор од своите надлежности, така што, тоа е законски пропишана одредба и не претставува притисок, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Изборот на новите кадри бил професионален, и превидот со прво предложениот кандидат е направен поради измените во законот каде е предвидено директорот да мора да доаѓа од контролорите, образложува премиерот. Тој освен за професионална биографија на Хекуран Асани кој работи во М-НАВ веќе 25 години како контролор на летање, не знаеше да каже дали е внук на Али Ахмети.

Откако Владата го смени раководството на М-НАВ, Синдикатот на контролата на летање го откажа штрајкот и можната блокада на небото над земјава.

Н.П.

Слични содржини