Концепцијата за гимназиско образование мора да се повлече, никаде во светот не се укинуваат филозофски предмети. Во концепцијата не само што недостасуваат социјалните вештини, туку, исто така отсуствува и транспарентноста. Во неа, не може да се видат ниту експертите кои ја имаат подготвено. Доколку не се промени ќе има длабоки последици врз образовниот процес. Ова синоќа го потенцираа експертите на јавната трибина „Гимназиско образование – предизвици и перспективи” во организација на Прогрес Институт за социјална демократија.
Професорот Зоран Матевски истакна дека во предложената концепција недостасуваат социјалните вештини и го нема социјалното суштинско значење кое обезбедува кохезија помеѓу учениците, наставниците и менаџментот во образовните институции.
„Во новата концепција се маргинализираат одредени социолошки, педагошки перспективи. Не ми се допаѓа што експертите се скриени, на пример за разлика од концепцијата за основно образование кадешто експертите ги знаевме, беа доблесни да излезат на дебата во медиумите. Сега тоа го немаме. На содржината и фали едно повисоко научно ниво. Социјалните вештини недостасуваат во самата програма. Социологијата е начин на живот и затоа, за да создадеме поправеден и поинклузивен свет за генерациите коишто доаѓаат нас ни треба таа социолошка перспектива во новата концепција за гимназиско образование”, рече Матевски кој доаѓа од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет – Скопје.
Покрај Матевски, на експертската дебата учествуваа и гимназискиот професор и доктор по филозофски науки, Трајче Серафимовски и пратеничката во македонското Собрание, проф. Даниела Николова кои ја анализираа предложената реформа за гимназиско образование без политизирање.