Проф. Митревска за обвинувањата дека е поддржувач на Путин: „Има време за вистината“

од Nikola Popovski
225 прегледи

Професорката на Меѓународниот Славјански Универзитет, Јагода Митревска, која е дел од работната група за уставни измени, се огласи после обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ, дека е симпатизер на рускиот претседател Владимир Путин. Митревска во кратка изјава за „Локално“ вели дека „има време за вистината“.

Во својот одговор, професорката додаде: „Кога мислам дека треба, ќе ви се јавам“, одговарајќи на прашањето за нејзин став или реакција во однос на обвинувањата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку писмено соопштение повторно ја обвини Митревска дека е симпатизер на рускиот претседател Владимир Путин.

-Ковачевски и СДС само декларативно се претставуваат како про НАТО и про ЕУ, во суштина влечат длабоки корени со структури со сомнителни политички и лични врски. Јагода Митревска, експертот на Ковачевски и СДС не се крие дека е поддржувач на Путин, има фотографии кои покажуваат како таа гордо се слика пред простории на партијата на Путин, стоеше во соопштението од партијата на Христијан Мицкоски.

Министерството за правда пред неколку дена ги објави имињата на експертите кои ќе учествуваат во работната група за уставни измени. Покрај Митревска, дел од експертската работна група се Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.

Н.П.

Слични содржини