Проф. Петрески: Интензивирањето на руско-украинскиот конфликт ќе ги затегне финансиските услови во Европа, а тоа за нас е неповолно

од Vladimir Zorba
581 прегледи

Дел од економистите кои ги консултира „Локално“ сметаат дека домашната економија ќе трпи незначајни последици од руско-украинскиот конфликт пред се заради типот на трговска размена што земјава ја има со овие две земји.

Професорот Марјан Петрески вели дека неговите стравувања се во делот на индиректните последици што ќе ги предизвика кризата врз европската економија од која сме високо зависни.

– Директните ефекти од Руско-Украинскиот конфликт врз нашата економија се многу мали за да бидат значајни. Тоа се должи на тоа што нашата трговија со двете земји има многу мало учество во вкупниот обем на увозот и извозот. Дури, нашиот извоз кон Украина се сведува на 5-10 групи производи, кои имаат занемарливо учество во вкупниот извоз во соодветната група. Истото се однесува и на финансиските текови, односно на инвестициите од овие земји во Македонија. Она од што стравувам е секако ефектот што нестабилноста и неизвесноста ќе го предизвика врз Европската економија, од која ние сме високо зависни. Таа сеуште е зависна од руските енергенси; цените на енергенсите веќе реагираат, што се надоврзува на енергетската криза која постои од втората половина на 2021, а предизвикана од други причини. Тоа има брз ефект на прелевање и кај нас, вели во изјава за „Локално“ професорот Петрески.

Вториот важен ефект, продолжува тој, е врз цените на примарните производи, храната и металите, со оглед дека и Русија и Украина извезуваат во светот важни производи како никел, алуминиум и житарици.

– Намалувањето на извозот од Русија и Украина кон трети земји ќе ја намали понудата на глобално ниво, што дополнително ќе влијае врз цените, кои ионака беа под притисок како резултат на ребалансирањето на пазарната рамнотежа по пандемијата. Пазарите веќе реагираат на интензивната неизвесност присутна овие денови, а особено по инвазијата утрово. Евентуалното интензивирање и траење на конфликтот ќе ги направи пазарите особено воздржани, што ќе ги затегне финансиските услови во Европа, а тоа за нас е секако неповолно, додава Петрески.

К.В.С.

Слични содржини