Проф.Трајковски: Aко не беа мерките врвот на пандемијата ќе беше веројатно приближно еднакво како есенскиот

од Берта Китинска
185 прегледи

Професорот по теоретска механика, Дејан Трајковски, кој на дневна основа статистички ги следи сите официјални информации поврзани со бројот на заболени со ковид 19. Во вчерашната објава напоменува дека ако не се вовеле овие мерки врвот ќе бил веројатно приближно еднакво широк како есенскиот.

-19.04.2021. Иако предоцна, полицискиот час, а особено затворањето на кафеаните во Битола дојдоа во последен час. Очигледно дека мерките се почитуваат без забошотување, за што доволно кажува стрмото спуштање на жолтата линија од последниот врв (на првиот дијаграм). Да не беа овие мерки, со неконтролирано разболување и прележување врвот ќе беше веројатно приближно еднакво широк како есенскиот.

Ако ја погледнеме зелената линија на вториот дијаграм (бројот на активни случаи) гледаме дека растот практично преку ноќ беше отсечен, инаку по природен пат максимумот ќе беше достигнат дури при 1.700-2.000 активни случаи и веројатно околу 200 хоспитализирани. Ако тоа се претвори во спасени животи, се работи за десетици починати помалку – иако и сегашните бројки се непотребно високи.

На третиот дијаграм го гледаме зголемен дијаграмот на активните случаи (сината линија). Како што рековме пред десетина дена, се случи период на консолидација со осцилации на врвот, по што во наредните денови веќе можеме да очекуваме и намалување на бројот на активни случаи. Причина за ова е претстојното масовно затворање на отворените случаи од пред 20 дена, коишто досега само се трупаа а сега конечно треба да се растоварат.

Црвената линија на третиот дијаграм го прикажува бројот на активно хоспитализираните, којшто исто така треба да помине преку зенитот, па со малку среќа (и Божја помош, за порелигиозните) да започне да се намалува. Сепак, споредувајќи ги претходните врвови може да се заклучи дека празнењето на болниците не оди со истото темпо како кај активните случаи. За жал, ИЈЗ не објавува вкупен број на пациенти кои влегле/излегле во/од битолскиот ковид-центар до одреден датум, па не можеме ниту да пресметаме просечно време на болничко лекување, а без овој податок не можеме да правиме други пресметки.

Интересно е да се забележи дека минатото лето, кога во Битола практично и немаше ковид-болни, во ковид-центарот имаше и до 40 хоспитализирани, воглавно од другите градови. Овој пат ситуацијата е поинаква, очигледно е дека повеќето хоспитализирани во ковид-центарот се битолчани.

Охрабрува што стапката на леталитет во Битола продолжува да опаѓа и моментално е на ниво на државниот просек, за разлика од есента. Уште еднаш да подвечеме дека тие коишто се разболеле во јануари и февруари имале многу поголеми шанси да преживеат отколку разболените за време пролетниот, а особено есенскиот бран. Значи, не се работи само за помал број на починати (што е нормално при помал број на дијагностицирани), туку и процентуално, во однос на бројот на случаи помалку се умирало. Едноставно, се надишале помалку вируси.

Ова е уште една потврда дека дека властите играле многу сурова и нефер игра со населението, дозволувајќи неконтролирано ширење на епидемијата и 14-дневна инциденца до 9 пати повисока во однос на прагот на црвениот аларм, согласно скалата на ECDC (Европскиот центар за превенција на заразни болести). Да се потсетиме, границата на четвртиот, највисок степен на ризик од ширење на заразата е поставена на 120 новодијагностицирани за 14 дена на 100.000 жители, додека во Битола во еден момент стигнавме до 1.070 случаи за 14 дена на 100.000 жители. Тоа значи дека вирусот практично бил насекаде – никој не бил поштеден во затворена просторија со многу луѓе. Опасноста се уште е екстремно висока, со вредност од 900 на овој индикатор, населението го очекуваат уште страдања. Дури и последниот седумдневен просек од 58 новодијагностицирани на ден (жолтата линија на првиот дијаграм), се уште е повисок од највисокиот просек во есенскиот бран.

Не знам колку на луѓето им е јасно, но вакво ризикување на здравјето и животите на луѓето заради одржување на БДП-то е крајно нехумано. Разумни луѓе, кои водат сметка за својот народ, најпрво би воделе сметка за здравјето, по цена и на опаѓање на БДП. Таквото опаѓање не би било поради економска инфериорност, туку последица на виша сила – епидемија. За тоа никој не би ставил забелешки. Од падот на БДП би се повратиле, но изгубените животи на илјадници луѓе – не можат да се повратат. Подобро 1-2 месеци живот со преполовени примања (нека се и 5 месеци, како во Австралија, за целосно искоренување на корона вирусот, иако падот на БДП бил само едноцифрен процент), но со глава на рамења, отколку смрт, а на починатите и нивните семејства никаков БДП и никакви примања повеќе апсолутно ништо не им значат, пишува Трајковски.

19.04.2021. Иако предоцна, полицискиот час, а особено затворањето на кафеаните во Битола дојдоа во последен час….

Posted by Дејан Трајковски on Monday, 19 April 2021

Слични содржини