Уште од времето на Алфа сојот не сме ја погледнале пресметката на потребниот степен на вакцинација за обезбедување колективен имунитет против ковид-19. Во меѓувреме работите многу се промениле, објави професорот Дејан Трајковски, кој редовно на Фејсбук прави анализи за состојбата со Ковид-19 во Македонија.
Тој се обиде приближно да ја пресмета ефикасноста против заразување на миксот од вакцини што се користел досега кај нас.
„Тука е Делта сојот, којшто се неговиот базичен репродукциски број R0=5…9 (ќе земеме просечно 7) бара најмал комбиниран степен на колективен имунитет (од прележување и вакцинирање заедно): 1 – 1/R0 = 1 – 1/7 = 85,7%. Потребниот степен на вакцинација (PSV) ќе го пресметаме според следната формула: PSV = (PKI-IP)/((1-IP)*VE), каде PKI е потребен степен на колективен имунитет (за Делта сојот видовме претходно дека изнесува 85%), IP е степен на колективен имунитет од прележување. Врз основа на серолошкиот скрининг на антитела во Скопје, се проценува дека на ниво на држава истиот изнесува околу 34,3% (со 95% интервал на доверба од 27,8% до 40,8%). Ќе земеме најоптимистичка вредност од 40%. VE е ефикасноста на вакцините, којашто во случајот на Делта сојот е во значителен пад, и моментално се проценува помеѓу 38% и 80%. Ќе ја усвоиме најоптимистичката вредност од 80% (колку што изнесува за вакцините од Фајзер, непосредно по вакцинацијата)“, објави Трајковски.
Според него, со овие вредности од претходната формула го наоѓаме минималниот потребен степен на вакцинација: PSV = (0,85-0,40)/(1-0,40)*0,80) = 94%.
„Истата вредност ја добиваме и од дијаграмот на сликата, којшто ја прикажува потребната стапка на вакцинираност во зависност од дадените параметри. Заклучуваме дека во македонски услови, дури и со максимално ефикасни вакцини против Делта сојот е невозможно да се постигне колективен вакцинален имунитет, дури ни кога би се вакцинирало целокупното возрасно население на државата (80% од популацијата). Да се потсетиме, моментално стапката на вакцинираност најмалку со една доза изнесува околу 24% од вкупното население. Ова значи дека есенскиот бран, при сегашниот степен на прележаност на населението, не може да се спречи со вакцинација. Потребниот степен на колективен имунитет (до 85%) ќе биде надополнет со прележување. Ова, се рабира, не значи дека вакцинацијата е залудна, бидејќи при поголем опфат со вакцинација се намалува уделот на населението којшто ќе мора да прележи за да се дојде до колективен имунитет. Второ, иако постоечките вакцини не можат да спречат заразување и ширење на епидемијата, истите се сé уште прилично ефикасни (со многу висок степен, околу 90%) против тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход. Поради тоа, сите здрави возрасни лица, а особено постарите од 60 години (возраста од која започнува поголема смртност) е пожелно да се вакцинираат. За споредба, во Велика Британија преку 95% од постарите од 65 години се вакцинирани и затоа во последниот бран на епидемијата, предизвикан од Делта сојот, леталитетот и морталитетот се многу ниски, речиси занемарливи“, наведува Трајковски.