Проф.Трајковски: Лицата  коишто доаѓаат прв пат на вакцинација треба да ги пречекуваат со црвен ќилим

од Берта Китинска
375 прегледи

Ова се најновите приближни пресметки за ефективноста на вакцините против заразување и смртен исход (оваа втората се однесува само на постарите од 60 години).Претпоставениот број на возрасни жители е 1.500.000, а од него многу зависи ефективноста против заразување. Доколку се користи официјалниот број, што го користат нашите здравствени власти (1,653 милиони возрасни, според пописот од 2002 год.) ефективноста би била уште помала, одвај 14,9%. Одејќи во другата крајност, со само 1,2 милиони возрасни ефективност би била 51%, но тоа е навистина претерано, пишува во својата ковид анализа проф. Дејан Трајковски.

-Во било кое сценарио, се забележува опаѓање на ефективноста против заразување со текот на времето, додека ефективноста против смртен исход останува речиси непроменлива околу 89%. Ова значи дека има време и не треба многу да се брза со третите дози, барем за помладите. Постарите и имунокомпромитираните, коишто не сакаат да ризикуваат со разболување, наскоро ќе можат да примат и трета доза. Засега подобро да се засили вакцинацијата со прва и втора доза, а тие коишто доаѓаат за прв пат, би требало да ги пречекуваат со црвен ќилим, односно преку ред.

На вториот дијаграм гледаме како се менува процентуалното учество на вакцинираните меѓу новодијагностицираните и починатите. Моментално 30,6% од новодијагностицираните се од редот на вакцинираните, но тоа е сосема очекувано, бидејќи вакцинираните чинеле 35.4% од возрасната популација.

Овој сооднос не е баш добар и со текот на времето се влошува, но барем кај смртноста ситуацијата е подобра. Последниве две недели уделот на вакцинирани кај починатите изнесува 16,3%, но тука веќе 65,2% од постарите од 60 години биле вакцинирани. Од друга страна, од помалата група од само 34,8% невакцинирани доаѓаат 83,7% починати.

Последниве две недели морталитетите кај вакцинираните и невакцинираните, постари од 60 години, изнесувале 22 и 194 починати на милион дневно, што одговара на споменатата ефективност против смртен исход од 89%.

Изгледа дека броевите не се „штеловани“, т.е. лажирани, затоа што процентот на починати вакцинирани воглавно расте, како што расте опфатот со вакцинација (тоа што го разгледавме вчера), а опаѓање на тој процент има во неделите кога ефективноста била повисока (од првиот дијаграм).

За крај, еве ги проценките за веројатните броеви на починати за разни опфати со вакцинација.

При сегашниот опфат со кацинација, од Делта сојот во летниот бран починале 1.047 лица. Доколку никој не бил вакциниран, би починале околу 2.134 лица, што значи дека се спасени речиси 1.100 животи, односно околу една половина. Ова понатаму значи дека на врвот на смртните случаи, кога имавме еден ден со 37 починати, без вакцини бројот би бил сигурно преку 60.

Од друга страна, доколку целата популација била вакцинирана, би починале околу 209 лица, односно за 89% помалку од 2.134, колку што изнесува ефективноста на вакцините против смртен исход, пишува Трајковски.

Слични содржини