Денеска имавме двоцифрен број на нови случаи (13), што е многу како за во недела. Но, не се само дневните броеви на нови случаи и ефективниот репродукциски број Rt во пораст. Започна да расте и стапката на позитивни тестови, при приближно константен дневен број на тестирања – јасен индикатор дека вирусот одново започнува да се шири. Така тоа започнува, пишува во новата ковид анализа проф.Дејан Трајковски.
-Изненаден сум од високата вредност на репродукцискиот број Rt, иако на почеток тој секогаш има повисоки вредности. Пред влегувањето на Делта сојот имавме Rt околу 0,70, па сметајќи со 40%-60% поголема преносливост очекував летово тој да достигне 1,0-1,1, односно само проста репродукција, но моментално изгледа дури и полошо.
Ќе почекаме десетина дена да видиме дали ваквиот резок пораст (во последниве седум дена Rt = 1,66 ± 0,62) се должи само на заразувањето на членовите на семејствата, на попуштањето на вниманието кај населението или пак веќе систематски, верижно започнува да се заразува општата популација.
Патем кажано, денеска на Тетово му се придружи и Гостивар, а малку веројатно е дека се работи само за обично „повампирување“ на Алфа сојот. Поверојатно е дека ова е по заслуга на Делта, пишува Трајковски.