Проф.Трајковски со нова ковид-анализа: Вирусот се шири низ градовите

од Берта Китинска
377 прегледи

Веќе долго време ефективниот репродукциски број Rt стои над единица и дневните броеви на нови случаи забрзуваат со растот (на дијаграмот на втората слика). Покрај стандардните Тетово и Скопје, од вчера избувна и во Куманово, а полека се загреваат и Гостивар, Охрид, Прилеп и Струмица, пишува во новата ковид анализа проф.д-р Дејан Трајковски .

-Ваков раст немавме минатото лето, но да не заборавиме, сега го имаме Делта сојот!Продолжува и растот на стапката на позитивни тестови, јасен показател дека заразувањето се шири низ популацијата (црвената линија на дијаграмот на третата слика).

На крајот, на дијаграмот на четвртата слика ги гледаме прогнозите за идното движење на вкупниот број на случаи (бледо зелената линија), бројот на оздравени (бледо сината линија) и бројот на активните случаи (розовата линија), добиени со решавање на системот диференцијални равенки на модифицираниот SIR модел, под претпоставка дека ефективниот репродукциски број Rt ќе изнесува 1,20 во наредните две недели, со денешните броеви како почетни услови.

На дијаграмот на петтата слика пак гледаме предвидување на растот на вкупниот број на случаи според моделот на обична експоненцијална регресија.

Засега ништо алармантно, но штом летно време имаме ваква преносливост, наесен ќе го видиме Делта сојот во „полн сјај“. Во меѓувреме ќе го следиме и леталитетот, односно дали и колку досегашната прележаност, заедно со вакцинираноста, ќе го намалат процентот на починати од новодијагностицираните.

При 1.000 пати поголемо вирусно оптоварување од Делта сојот (објавено вчера во списанието Нејчер) и многу полесна преносливост (еден заразен го пренесува вирусот на 5 до 9 други, прележани и непрележани), сусцептибилните (чувствителните, односно непрележаните и невакцинираните) многу тешко ќе куртулат пред вирусот.

Прележаните и тазе вакцинираните (или обратно) веројатно ќе се спасат дури и од инфекција. Само прележаните или само вакцинираните имаат шанси (поголеми, ако се работи за помалку ефикасна вакцина) да се инфицираат, но веројатно ќе поминат асимптоматски или како со обичен грип. Кај непрележаните и невакцинираните ќе важи ланската статистика – 80% асимптоматски, 10% лесни случаи со домашно лекување, 10% на болничко лекување , а од нив за жал околу една третина ќе починат. Штета што мора да биде така, штом веќе постојат вакцини, но секој одлучува сам за себе, пишува Трајковски.

Слични содржини