Проф. Вилос за автопатот Кичево-Охрид: Доколку не се потпише Анекс на договорот со Синохидро, ќе плаќаме голема оштета – веројатно и крах на домашното градежништво

од Nikola Popovski

Во овој момент тешко може да се гарантира со сигурност крајниот рок на завршување, со оглед на фактите дека најавен е ангажман на стручни лица кои имаат задача да ги препроектираат сите нестабилни косини и да дадат оптимално и трајно решение, вели во разговор за „Локално“, професорот Илиос Вилос од Техничкиот факултет во Битола. Ова следува откако ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски најавија дека доколку дојдат на власт, ќе ја довршат изградбата на историскиот автопат Кичево-Охрид до крајот на 2026 година.

Се зависи од тоа што ќе содржат тие решенија. Според Вилос, доколку тие не отстапуваат многу од моменталните и нудат санација во помал обем, во тој случај со голема волја, професионализам и ангажман на сите инволвирани учесници во изградбата под капа на ЈПДП, би можеле да претпоставиме дека крајот на 2026, можно е да биде реален краен рок за завршување.

-Доколку се утврди дека за санација на нестабилните свлечишта потребни се решенија по однос на кои ќе се изведуваат градежни зафати од поголем обем (галерии, тунели, армирана замја итн), во тој случај не би знаел сега и не би можел да прогнозирам за крајниот рок на завршување, додава Вилос.

На прашањето каде според него е најголемиот проблем што веќе 10 години изградбата на автопатот стои во место, професорот вели дека проблемот е што проектот е започнат без решени имотни правни односи, со лоша проектна документација и лоши влезни параметри.

-Посебно на ова би го надозврзал лошото, споро и неодговорно администрирање од страна на сите државни органи задолжени за решавања на имотно-правните проблеми, сеча на шума, експропријација итн, појаснува Вилос.

Според него, доколку Собранието не изгласа и одобри нов Анекс на договорот, следи арбитражна постапка, во која е сигурен дека нашата позиција е многу полоша од положбата на изведувачите и следи плаќање на огромна оштета која ќе ја платиме ние граѓаните.

-Во меѓувреме следи активирање на банкарските гаранции на нашите домашни компании, ангажирани на тој проект. Според проценка истите се некаде 50 милиони евра и најверојатно крах на домашното градежништво, а со тоа и огромен удар на домашната економија, предупредува професорот.

Лидерот на опозицијата, Мицкоски тврди дека договорот ќе надмине 2 милијарди евра, но нема да се раскинува, туку ќе се седне на маса со компанијата за се репреговара. Бидејќи сумата најверојатно ја напумпува, ако дојде на власт, тврди дека може да заштеди пари.

Основниот договор, според кој, автопатот од 57 километри, требаше да се заврши до 2018, е надградуван уште со пет анекс договори. Петте анекси се склучувани од 2018 до 2020, кога на власт се СДСМ. Дел од анексите се однесуваат на пролонгирање на рокот, а дел на дополнително задолжување во кинеската банка.

Автопатот Кичево–Охрид е најголемата инфраструктурна инвестиција со децениска изградба, кој и покрај дополнителен заем од 180 милиони американски долари, пролонгирање на изградбата за шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, сè уште не е изграден. Ова се посочува во насловот и поднасловот на соопштението на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во кое од институцијата информираат за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) со законската регулатива за 2022 година. Според ДЗР, најголем дел од материјалните средства, односно парите на Јавното претпријатие или 46 отсто од нив (55 048 838 000 денари или околу 895 милиони евра), биле средства во подготовка, а се однесуваат на изработка на проектни документации, извршени експропријации, изградби, реконструкција и рехабилитација на државните патишта и нивен надзор.

Н.П.

Слични содржини