Професионализација или партизација на АНБ: „Христовски покажал солидни резултати во УБК – но кај нас пракса е првиот човек да диктира негови лични ставови, за разлика од современите служби“

од Nikola Popovski
1,4K прегледи

Многу полемики во јавноста предизвика назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност. Од Владата информираа дека Христовски од 2023 година не е член на ВМРО-ДПМНЕ откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во Министерството за внатрешни работи, од неодамнешните објави на неговиот Фејсбук-профил забележлива е активност и пропагирање во прилог на најголемата владеачка партија во моментов.

Дел од експертите сметаат дека постои правна празнина во законот околу членството во партија и извршувањето на една ваква функција. Експертот за криминалистика  и поранешен началник во МВР, Љубомир Ѓурчески вели дека законот кажува дека не може да биде член на партија, а да извршува таква функција во безбедносниот сектор, но во законот не пишува колкав период треба да биде надвор од партиите.

Љубомир Ѓурчески

-Во Уставот има определено дека за да бидете министер за внатрешни работи или одбрана, три години мора да сте надвор од безбедносните структури. Таа правна празнина не можеме да ја земеме како основ дека не требало да биде именувано лицето, објаснува Ѓурчески за „Локално“.

За безбедносниот сертификат на Христовски кој му беше одземен при трансформирањето на поранешната Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) во АНБ, а потоа повторно вратен и дали тоа носи одредени контроверзии, соговорникот објаснува дека штом го примиле на работа во МВР, за него сите проверки се завршени.

-Имаме вработени лица во сегашната АНБ кои што добиле сертификат, а се учесници во паравоената УЧК. Христовски лично не го познавам и не можам да зборувам за неговите квалитети, ниту да коментирам од тој аспект, но во однос на постапката на одземање и враќање на безбедносниот сертификат, според мене, не би требало да претставува проблем, бидејќи ако се види целата постапка за одземање на сертификатот од лицето кое било вработено во УБК во состав на МВР. За тоа лице кога се вршеле проверки во МВР, се било позитивно и немало пречки да биде вработено во полицијата. Безбедносниот сертфикат кој што му е одземен на Христовски во време кога УБК се трансформира во АНБ, позади себе има силно политичко влијание и тоа го констатира Управниот суд. Нема елементи за одземање на тој сертификат, посочува Ѓурчески.

Според него, друго е прашањето за неговите ставови доколку биле проруски итн. со јавни настапи и по медиуми.

-Друго е кога ќе кажеме дека тој има безбедносен сертификат, но неговото дејстување не соодветствува со нашите приоритети по однос на членството во НАТО и стратешките партнери и затоа е добро да се тргне во друга безбедносна служба – тоа би било пореално и позаконито, а не да се отстранува од работа. И за тој јавен настап требало да бидат изведени докази. Јавен настап на социјални мрежи или медиуми, во кои што величи некоја институција која е спротивна на определбите на државата или ги навредува нашите стратешки партнери, тогаш можеме да зборуваме дека имаме докази дека е против и дека не може да биде поставен, но, во случајов нема докази. Затоа кажувам овде имаме класичен атак од одредени лица кон друго лице, објаснува поранешниот полициски началник.

Од друга страна, професорот на Факултетот за безбедност, Злате Димовски објаснува дека во анализа на Законот за Агенција за национална безбедност изработена за потребите на DCAF, јасно ги опишал проблемите кои ќе произлезат понатаму, а не се опфатени во Законот за АНБ. Во разговор за „Локално“ истакнува дека особено, го потенцирал делот на трансформирањето на работниот однос на вработените од УБК во АНБ. Вели дека недостаток беа јасни критериуми по кој би се ценело кој е успешен вработен, а кој не е.

Злате Димовски

-Доколку беа изготвени такви критериуми и јавно обзнанети, потоа дадени анкетни прашалници на секој вработен да одговори што работел, колку ги исполнува тие критериуми и дали се гледа како иден вработен во АНБ, верувам дека работата на тимот за селекција на кадри ќе беше поедноставна, без девалвирање преку интервјуа без стандардизирани прашања и целиот процес ќе имаше поголема кредибилност и транспарентност. За сите активности ќе имаа образложение и легитимен одговор зошто некој не останал на работно место во АНБ, а работел во УБК. Дополнително, како модел за отстранување од работа се применуваше и негативниот извештај за извршени проверки за добивање (продолжување на важноста) на безбедносните сертификати за пристап и работење со класифицирани информации, што е услов согласно систематизацијата на работните места. Согласно мислењето од оперативните и евиденциските проверки доставени од тогашната УБК во реформирање, до Дирекцијата за заштита на класифицирани информации, следуваше одговор дали добива сертификат или не. Оваа постапка ја опишав за да разбереме дека во рацете на неколку луѓе била одлуката за доделување на сертификати и на селекција на лица за новоформираната АНБ, ни кажа Димовски.

Професорот додава дека во тој процес околу 120 лица од УБК не преминаа во АНБ, а помеѓу нив и сега новоназначениот директор Христовски. Смета дека се наметнува прашањето која е неговата вина, каде погрешил, кој критериум не го исполнил, што преземал, а не е во согласност со позитивната законска регулатива, а дотогаш не бил повикан на одговорност.

-Откако, секако сакал да ги дознае фактите поднел граѓанско тужбено барање за утврдување на вистината. Целиот процес е легитимен кога чувствувате дека сте дискриминирани и обесправени барате правна (судска) заштита и тие се права на секој граѓанин. Потоа кога се потврдило, судски, дека неговите наводи се точни се корегирал ставот за сертификатот и истиот си го остварил правото за пристап и работење со класифицирани информации, вели Димовски за целиот процес и враќањето назад на безбедносниот сертификат на Христовски.

Познавајќи ја состојбата во нашата земја дека партизацијата и политизацијата се присутни во сите сфери на животот, наведува професорот, сосема е оправдано да се сомневаме дека и ова назначување можеби е токму такво. Но, според него, доколку ги анализираме законските одредби дека тоа лице „не треба да е …..“ тогаш се поставува прашањето како да се потврди оваа законска обврска.

-Се наведува дека именуваниот Христовски се дистанцирал или откажал од партиските должности и партиципација во органите и телата на партијата и не е активен член во некое партиско тело од 2023 год. Ваквите факти најчесто се прашање на етичкиот и моралниот кредибилитет на лицето кое ја дава таа изјава. Претпоставуваме дека овде се работи за реална неинволвираност во партиски тела и активности затоа што тој сепак кога не стана дел од АНБ беше префрлен и вработен во МВР, констатира соговорникот.

Лично очекува дека Христовски како лице со искуство во работата на поранешната УБК, дека согласно Законот за АНБ, многу брзо ќе може да ги превземе во целост обврските и дека квалитетно ќе ги реализира поставените задачи како прв човек на службата.

-Да имавме веќе изградени критериуми и соодветно почитување на позитивната законска регулатива, како во современите служби, многу малку дејствија ќе зависат од директорот, но кај нас пракса е првиот човек да диктира и промовира негови лични ставови, размислувања и да постапува согласно свое убедување, па затоа се јавува оваа граѓанска претпазливост и недоверливост. Моето очекување го темелам на перцепцијата на поголем дел од поранешно и сега вработени во УБК и АНБ, кај кои Христовски важи за искусен, вреден работник кој додека работел во УБК, покажал солидни резултати. Да се надеваме дека истото ќе го прави и во натамошниот период на доброто на сите нас, особено за безбедносно-разузнавачката заедница, затоа што од работата на АНБ зависат идентификацијата, спротивставувањето и оневозможувањето на повеќе закани и ризици по самата држава, а тоа значи по безбедноста на сите нас. Христовски мора да биде свесен дека ќе биде под „постојана присмотра“ на граѓаните и на телата за надзор и контрола над АНБ, па затоа ќе мора да работи совесно и законски, заклучува проф. Димовски.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрла обвинувањата за политизација на АНБ. Не гледа проблем во назначувањето на Христовски за нов директор, за кого рече дека во минатото му била нанесена неправда. Христовски доаѓа на местото на Зарко Милошевски, кој беше разрешен на последната владина седница.

„Кога се трансформираше УБК во АНБ и се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во АР, УБК и АНБ коишто ги профилираа луѓето и врз основа на тоа гледаа како да им наштетат преку лажни вести, клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат. Нормално откако таа неправда му беше нанесена на Христовски и не му беше даден безбедносниот сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството на АР, за што јавноста многу набрзо ќе биде запознаена. Таа грешка се исправи, Христовски доби безбедносен сертификат и не гледам причина зошто човекот којшто го поминува речиси целиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ“, изјави Мицкоски.

СДСМ, пак, бара експресно разрешување на новиот директор на тајната служба. Од партијата велат дека е прекршен Законот и оти власта спроведува партизација на клучните безбедносните служби.

„Тоа е спротивно на Законот за АНБ кој јасно предвидува дека директорот на Агенцијата не смее да биде член на политичка партија или нејзин орган. Целта на овие законски одредби е да се избегне злоупотребата на безбедносните служби за партиски цели, како што тоа се случуваше во минатото. Со поставувањето на лице кое само до 2023 година беше претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија директно го прекршува член 10 од Законот за АНБ“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.

Н.П.

Слични содржини