Професор од С. Арабија осуден на смрт поради користење на Твитер и Ватсап

од Nikola Popovski
185 прегледи

Истакнатиот професор по право Авад Ал Карни од Саудиска Арабија кој се залага за реформи е осуден на смрт за наводни злосторства, вклучително и поседување профил на Твитер и користење на Ватсап за споделување вести кои се сметаат за „непријателски“ кон кралството.

Апсењето на Ал Карни (65) во септември 2017 година беше почеток на репресијата против него поради несогласувања со тогаш новоименуваниот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Деталите за обвинувањата против Ал Карни сега ги сподели со „Гардијан“ неговиот син Насер, кој побегна од кралството минатата година и живее во Велика Британија, каде што рече дека бара азил.

Ал Карни е претставен во медиумите под контрола на Саудиска Арабија како опасен проповедник, додека некои велат дека Ал Карни бил важен и почитуван интелектуалец со голем број следбеници на социјалните мрежи, вклучувајќи два милиони следбеници на Твитер.

Застапниците за човекови права и саудиските дисиденти кои живеат во егзил предупредија дека властите во кралството се ангажирани во нова и сериозна акција против поединци за кои се верува дека се критичари на саудиската влада.

Минатата година, Салма ал-Шехаб, докторантка од Лидс и мајка на две деца, беше осудена на 34 години затвор поради тоа што имала профил на Твитер и затоа што следела и ретвитувала дисиденти и активисти. Друга жена, Нура ал Кахтани, беше осудена на 45 години затвор поради користење на Твитер.

Но, документите на обвинителството што ги сподели Насер Ал Карни покажуваат дека употребата на социјалните медиуми и другите комуникации се смета за криминал во кралството од почетокот на владеењето на принцот Мохамед.

Слични содржини