Професор од УКИМ најавува пониски оценки за студенти кои во индексите ќе напишат Северна Македонија или РСМ

од Nikola Popovski
318 прегледи

Професорот на Филозофскиот факултет при УКИМ, Владимир Трајковски најавува пониски оценки за студентите кои во своите индекси ќе имаат напишано друго име на државата, освен Македонија.

-Сите вие што сте родени од 1991 година наваму во индексот кај држава на раѓање треба да ставате исклучително само Македонија и ништо друго. Никакво РСМ, Р.С.М., РС Македонија и слично не сакам да видам“, порачува Трајковски во објава на Фејсбук.

-Таму не ви пишува држава на живеење, а дури и тоа да ви пишува, не мора да бидете толку политички коректни. Ви укажувам на прва страница на индекс таму каде што ќе видам такво нешто, во старт имате една оцена пониско. Или можеби грешам ние имаме пет годишни деца на студии, откога некои политиканти на сила и со манипулации го прифатија пежоративното име. Берете ум во глава, додава професорот.

Во коментарите под неговата објава, дел од граѓаните ја поддржуваат ваквата одлука, додека дел пишуваат дека „студентите не се виновни за промената на уставното име“.

Со договорот кој беше склучен на 17 јуни 2018 во Преспа се реши спорот за името кој започна по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, во 1993 година. Грција се противеше и не го прифаќаше уставното име на Македонија, поради што земјата се зачлени во ОН под привремената референца – поранешна југословенска Република Македонија. Поради грчките блокади, Македонија остана надвор од ЕУ и НАТО.

На 11 јануари 2019 со 81 глас „за“ и без против и воздржани, македонското собрание ги усвои четирите амандмани за промена на Уставот, предвидени со Договорот од Преспа, со што државата беше преименувана.

Слични содржини