Професори со остра реакција: Историјата мора да остане посебен предмет – очигледно не сакаат да сопрат во 6. одделение, туку да продолжат и понатаму

од Nikola Popovski

Големи реакции во јавноста предизвика најавеното спојување на предметот „Историја“ во „Историја и општество“ за шесто одделение од наредната учебна година.

Здружението на историчари бара предметот да остане посебен и да стави мораториум на Концепцијата за основно образование. Сметаат дека вештачки ќе бидат интегрирани предметите историја, граѓанското образование и географија.

Покрај нив и дел од опозициските партии се огласија со став и бараат МОН да не дозволи менување на наставната програма.

Од ресорот образование претходно истакнаа дека во финална фаза на подготовка е наставната програма со три модули, преку која ќе се изучуваат историја, географија и граѓанско образование за шесто одделение, а ќе ја реализираат наставници кои и досега ги предаваа овие предмети.

Професорската фела категорично го одбива ваквото обединување на предметите во еден. Според наставникот по историја и претседател на „Асоцијација на наставници по историја на Македонија АНИМ Скопје“, Мире Младеновски, предметот апсолутно треба да остане посебен, како што е секаде ширум Европа. Во разговор за „Локално“ вели дека спојување е голема непознаница како ќе изгледа и на што ќе личи.

Мире Младеновски

-Сме за тоа да биде посебен предмет, не само во 6-то одделение, туку и понатаму. Со оваа концепција, очигледно не сакаат да сопрат во 6-то, туку да продолжат и понатаму. Не ни е јасна концепцијата уште од кога ја најавија во 2020 година, и тогаш реагиравме, ама ете не не слушнаа, ниту да разговараат. Не верувам дека на било кој му е јасна, смета Младеновски.

Потенцира дека мораториум мора да има и дека на иста линија се со Здружението на историчари уште од 2020 година.

-Помалку часови, помалку работа за наставниците. Многу е едноставно, ќе се намалат работните места. На сите ни е нејасно како го замислуваат тоа. Не се води транспарентно процесот, ниту гледаме како ќе изгледа таа програма за 6-то одделение и што ќе се изучува, ниту знаеме кој ја прави. Се што се работи во тајност, дава сомнеж на искреност и чесност, но тоа им го кажавме уште пред 3 години со отворено писмо до МОН и го искажавме незадоволството. Очигледно се нема слух и желба за комуникација, анализира наставникот Младеновски.

Редовниот професор на Филозофски факултет-Скопје и дел од Институтот за историја, Александар Атанасовски за „Локално“ објаснува дека веќе реагирале против новата концепција, но нивните мислења никој не ги земал за сериозни.

Александар Атанасовски

-Ова го направија луѓе што немаат врска со историја. Не можете да спојувате историја со географија – историја е хуманистичка наука, географија е природна наука, социологија е општествена. Спојувате три различни подрачја во еден предмет. Историјата е наука и за општественото уредување. Историчар го предава тоа. Мислам дека треба да си остане предметот, а историчарите да одлучат за содржината на самата програма, вели Атанасовски.

Прашува на што ќе личи тоа ако утре социолози и други предаваат историја.

-Може да се побара и треба да се стави мораториум од МОН и таа концепција да се отфрли. Наша идеја беше ако прифаќаме туѓа концепција, тогаш да ја земеме француската или бугарската. Нека видат кај Бугарите каква е концепцијата за предметот историја дали е споен со друг? Овде насила некој сака да ја тргне историјата и да се избрише минатото. Нема „и“ од историја во 5-то и 6-то одделение. Концепцијата мора да се отфрли, барем во поглед на историјата. Три различни научни подрачја да спојувате во едно ќе ни смеат секаде. На времето во Југославија, во вишите школи постоеше историја и географија, но потоа се укина. Не може човек да предава и историја и географија. Затоа се укина таа виша школа, заклучува Атанасовски.

Н.П.

Слични содржини