Сојузот на синдикати на Универзитетот Свети Кирил и Методиј (УКИМ) го повика наставниот и ненаставниот кадар, в четврток на 2 јуни во 10 часот пред платото на Ректоратот преку мирен протест да го изразат револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон вработените на скопскиот Универзитет, а во врска со непотпишување на колективниот договор и барањето за поголеми плати.
Одлуката за излегување на протест, велат оттаму, била донесена на седницата одржана на 27 мај.
„Се повикуваат сите вработени, од наставниот и ненаставниот кадар, на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје да излезат на мирен протест пред платото на Ректоратот на 2 јуни во 10 часот. Заеднички да го изразиме револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон Универзитетот и непотпишување на Колективниот договор на УКИМ за остварување на нашите барања за покачување на платите. За сите присутни на протестот Синдикатот ќе обезбеди бесплатен паркинг во склоп на факултетите“, наведено е во повикот.
Протестот, како што велат од Синдикатот на УКИМ, е предупредувачки, но ако не им се исполнат барањата, не ја исклучуваат можноста за штрајк во време на јунската сесија со што во неизвесност може да дојде полагањето на студентите на скопскиот Универзитет.
Покачувањето на платите на универзитетските професори е предвидено во Буџетот од месец септември. Тоа стои во ребалансот на Буџетот. Го видов писмото што го пратија и контактирав со нив. Самиот јас сум професор. Се согласувам дека во целиот образовен систем треба да се покачат платите, истакна премиерот Димитар Ковачевски.
„Буџетот од година во година се зголемува во однос на платите во високото образование. Исто така, треба да бидеме свесни дека имаме повеќе државни универзитети и да бидеме свесни дека сме во голема економска криза. Верувам дека ќе најдеме решение со професорите бидејќи веќе има планирани средства за нив, тврди Ковачевски.