Професорот Трајковски за Локално: Намалените критериуми ја намалуваат вредноста на дипломите

од Илинка Илиоска
391 прегледи

Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола во разговор со „Локално“ го изрази своето незадоволство и загриженост поради значителното намалување на бројот на студенти на државните факултети во Македонија, кое трае веќе десет години. Како што покажуваат последните податоци, бројот на студенти е намален од скоро 52 илјади на едвај нешто повеќе од 40 илјади, со значителни губитоци на најголемите универзитети во земјата, вклучително и УКИМ. Според проф. Трајковски, проблемот не е само во демографските промени, туку и во системските недостатоци на образовниот систем.

„Големото намалување на бројот на студенти е видливо кај збирните броеви на новозапишаните студенти, но уште поголемо и практично катастрофално е намалувањето на поединечните факултети,“ вели Трајковски. Според него, оваа состојба е директен резултат на „непромисленото, некритично и неоправдано“ отворање на голем број факултети, чиј број во еден момент достигнал 155, за да годинава малку се намали на 134. „Отворањето на толкавиот број факултети резултираше со ‘разводнување’ на студентите, а особено на талентираните студенти,“ додава тој.

Драматично ослабен квалитет на образованието

Трајковски објаснува дека ваквото разводнување на студентите особено се чувствува на помалку атрактивните факултети и на факултетите во внатрешноста на државата. Таму, најдобро рангираните кандидати често едвај достигнуваат 90 поени при уписот, што според него, е недоволно за обезбедување на квалитетно образование. „Јасно е дека од такви кандидати не може да се очекува квалитетно учење и знаење,“ истакнува тој.

Во такви услови на ослабена конкуренција, Трајковски вели дека професорите се соочуваат со притисоци и страв дека ќе останат без студенти, а можеби и без работни места доколку ги задржат претходните критериуми за оценување. За да не се соочат со вакви последици, многумина ги намалуваат критериумите, што дополнително го влошува квалитетот на образованието. „Во очајничка желба да се прикаже извесна проодност, веќе не се избираат средства. Дури се користат и фингирани комисиски полагања за да се заобиколи професорот кој реално оценува,“ тврди Трајковски. Ова, според него, довело до „искривоколчен и унаказен систем кој произведува неквалитет и измама.“

Проблемите во образованието ја намалуваат и вредноста на дипломите

Во последната декада, приватните високообразовни установи, исто така, доживуваат осцилации во бројот на студенти. Иако последната учебна година имало 4.054 студенти, што е 56% повеќе од пред десет години, некои од овие установи исто така страдаат од слични проблеми. Трајковски укажува дека хиперпродукцијата на кадри, особено оние со слабо образование, само придонесува за влошување на ситуацијата на пазарот на труд. „Не само што имаме хиперпродукција на кадри, туку и нивниот квалитет е се полош од година во година,“ вели тој.

Професорот потенцира дека образовниот систем е во сериозна криза и дека мора итно да се преземат реформи за да се спречи понатамошниот пад на квалитетот на високообразовниот процес. „Нашиот образовен систем е сериозно заболен и му требаат итни реформи,“ изјавува Трајковски.

Влијание на демографијата и миграцијата

Кога се дискутира за намалувањето на вкупниот број новозапишани студенти, Трајковски истакнува дека е неопходно да се земе предвид и намалувањето на бројот на новородени деца и иселувањето на семејствата. „Неопходно е да се разбере дека многу млади луѓе одлучуваат да ги напуштат државата или да се насочат кон занаетите наместо кон студирањето. Тоа е прагматично размислување кај новите генерации, бидејќи многу од нив сметаат дека занаетите нудат побрза и сигурна вработеност,“ објаснува тој.

Зошто матурантите бираат информатика и медицина, но не и шумарство или градежништво?

Професорот Дејан Трајковски посочува дека една од најголемите разлики во интересот на матурантите за одредени студии се гледа кај факултетите за информатика и медицина, кои привлекуваат најголем број студенти. Ова, според него, е резултат на економските можности што ги нудат овие професии. „Традиционално, матурантите се најмногу заинтересирани за студии по информатика и медицина,“ вели Трајковски, објаснувајќи дека овие студии се популарни поради високите плати и можноста за брзо вработување.

Тој ги истакнува бројките што го потврдуваат ова: на пример, на факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во последните десет години бројот на студенти се зголемил за 188%, или за 3.081 студенти. Медицинскиот факултет, исто така, бележи пораст од 55% со дополнителни 1.037 студенти. „Младите луѓе ги избираат овие факултети бидејќи гледаат перспектива, особено во информатиката каде што платите можат да бидат многу високи и можностите за работа се глобални,“ додава тој.

Спротивно на тоа, факултетите како шумарство, градежништво и другите технички дисциплини остануваат со непополнети квоти. Трајковски посочува дека на факултетите чиј главен работодавец е државата, интересот е драстично намален, што се рефлектира во бројките. На пример, Шумарскиот факултет на УКИМ загубил 69% од своите студенти, додека Градежниот факултет загубил 62% во последните десет години. Овие бројки покажуваат дека младите сè помалку се одлучуваат за овие професии, дури и кога има голема побарувачка за кадри.

Платите како клучен фактор

Професорот ги истакнува ниските плати како главен фактор за малиот интерес за студии во градежништво и шумарство. Иако побарувачката за градежни инженери е висока, интересот за запишување на Градежниот факултет е значително помал. Според професорот, тоа е поради релативно ниските плати во градежниот сектор,“ објаснува тој.

„Многу луѓе сметаат дека професиите како градежен инженер, шумар или земјоделец се помалку атрактивни поради релативно ниските плати. Државата како главен работодавец нуди ограничени финансиски можности, па студентите се одвраќаат од овие професии,“ објаснува Трајковски.

Тој додава дека дури и фактот што има голема побарувачка за овие кадри не е доволен стимул за младите, бидејќи тие гледаат на долг рок и ги споредуваат условите со оние во приватниот сектор или во странство.

Трајковски истакнува дека ова е сериозен проблем бидејќи, доколку нема промени во образовниот систем, за неколку години ќе има сериозен дефицит на градежни инженери. „Ако не се намалат квотите на другите факултети и не се пренасочат студентите кон Градежниот факултет, за неколку години тие ќе бидат многу дефицитарни, а платите ќе им скокнат до небо,“ предупредува Трајковски.

Тој исто така предлага дека властите треба да воведат мерки за ограничување на запишувањето на некои од популарните факултети и да создадат повеќе можности за дефицитарните професии како градежништво и шумарство. „Доколку се продолжи со сегашната пракса, ќе завршиме со голем број дипломирани студенти од области кои се пренаситени на пазарот, додека клучни сектори како градежништвото ќе останат без доволно кадар,“ додава тој.

Како да се зголеми интересот?

Трајковски сугерира дека решението за зголемување на интересот за овие студии лежи во државната интервенција. „Доколку властите не ги намалат квотите на другите факултети и не ги пренасочат студентите кон техничките науки, за неколку години тие ќе станат дефицитарни, а нивните плати ќе се зголемат поради недостигот на кадри,“ предупредува професорот.

Тој предлага државата да воведе програми за стипендирање и гарантирани работни места во јавниот сектор за оние кои избираат вакви дефицитарни професии. „Со поддршка од страна на државата, како финансиска помош и ветување за сигурно вработување, може да се создаде нова генерација инженери и експерти во овие области,“ сугерира Трајковски.

Според него, решението не е само во финансиските мерки, туку и во промена на перцепцијата. „Мораме да почнеме да ја цениме важноста на овие професии, особено во земји како нашата каде што инфраструктурните и еколошките проекти ќе бидат клучни за идниот развој. Треба да се промовира нивната важност и да се мотивираат младите да ги избираат овие професии не само поради платите, туку и поради нивната улога во општеството,“ заклучува Трајковски.

Проблемот со медицинските факултети и иднината на невработените доктори

Проф. Трајковски го насочува вниманието и кон бројот на студенти на медицинските факултети. „Во моментов на четирите медицински факултети во Македонија студираат преку 10.000 студенти, од кои повеќе од половина се на општа медицина,“ објаснува тој. Според него, потребата за доктори по општа медицина е околу 185 годишно, но поради високата стапка на дипломирање, за само пет години ќе се произведат 2.500 до 3.000 нови доктори, што е половина од вкупниот број на доктори по медицина во земјата. Ова, според него, ќе доведе до пренаситеност на пазарот, а веќе денеска во некои градови како Тетово и Гостивар има невработени доктори кои чекаат работа.

„Ваквата несразмерност меѓу понудата и побарувачката ќе значи дека за само пет години на бирото за вработување ќе чекаат работа најмалку 1.000 доктори,“ изјави Трајковски, додавајќи дека државата треба веднаш да го ограничи уписот на медицинските факултети и да ги насочи матурантите кон техничките науки.

Намалување на критериумите за упис и оценување

Професорот Дејан Трајковски остро ја критикува и практиката на драстично намалување на критериумите за упис на студентите, особено во подоцнежните уписни рокови. Според него, ова не само што го намалува квалитетот на образованието, туку создава и долгорочни негативни последици за целиот систем на високо образование. „На нашиот факултет, успехот на пријавените кандидати е слаб уште во првиот уписен рок, пред сè поради проблемот со преголемиот број факултети и конкуренцијата што ја создаваат факултетите за медицина и информатика,“ објаснува Трајковски, додавајќи дека во подоцнежните рокови ситуацијата е уште полоша.

„Во третиот и четвртиот уписен рок, очајнички се примаат кандидати со помалку од 50, па дури и со помалку од 40 поени,“ посочува професорот. Овие кандидати, според него, имаат недоволни основни знаења за да можат успешно да го следат студискиот процес. „Минималниот број на поени за колку-толку успешно студирање треба да биде барем 93,“ вели тој, истакнувајќи дека со вакви ниски поени кај пријавените кандидати, не може да се очекува висок квалитет на студиите.

Трајковски нагласува дека оваа состојба не е само проблем на бројот на студенти, туку и на квалитетот на оние кои дипломираат. „Со сила се обидуваме да прикажеме некаква нормалност во работата, иако е јасно дека со толку слаби кандидати не може да се работи,“ изјавува професорот, додавајќи дека поради оваа ситуација, критериумите за оценување се намалуваат, а дури и најслабите студенти успеваат да дипломираат.

„За да се задржи минималниот број на студенти на студиските програми, професорите се принудени да ги намалат критериумите за оценување,“ објаснува Трајковски, додавајќи дека ова создава еден „искривококолчен“ систем каде што многу студенти се стекнуваат со дипломи, но нивниот квалитет на знаење е далеку од задоволителен.

Според него, проблемот се влошува поради хиперпродукцијата на кадри, кои не се доволно квалификувани за пазарот на труд. „Не само што имаме хиперпродукција на кадри, туку и нивниот квалитет е се полош од година во година,“ вели тој, додавајќи дека ова доведува до состојба каде што дипломирани студенти не се подготвени за реалните предизвици во своите професии.

„Нашиот образовен систем е сериозно заболен и му требаат итни реформи. Единствениот начин за подигнување на квалитетот на студирањето, односно враќање на здравата конкуренција меѓу студентите може да се постигне со: 1.) затворање на 100-105 факултети во земјава и сведување на нивниот број на 30-35, односно на состојбата од 8 септември 1991 година и 2.) воведување на реални критериуми за оценување“, потенцира професорот.

Трајковски вели дека итни реформи во образовниот систем се неопходни за да се врати конкуренцијата и квалитетот на студирањето.

„Затворањето на факултетите не може да се изврши преку ноќ, меѓутоа доколку веднаш се сопре запишувањето во прва година на новоотворените факултети од последниве 33 години, после 5 години истите би можеле да бидат затворени. За жал, не забележуваме подготвеност кај нашите образовни власти за нормализирање на состојбата во високото образование, а затворањето на прекубројните факултети е единствениот начин за да се постигне тоа. Нам едноставно не ни требаат толку многу факултети и голема грешка претставуваше самото нивно отворање без никаква анализа и економска логика“ заклучува тој.

Слични содржини