Таеквондистот и најуспешен македонски олимпиец на последните Олимписки игри, каде што освои сребро, Дејан Георгиевски, избран e за најдобар спортист на Град Скопје, а наградата ја доби од градоначалничката Данела Арсовска. Во салата на Советот на Град Скопје денеска беа прогласени и преостанатите најуспешните спортистки,спортисти и тренер на Град Скопје, за 2021 година.
Традиционално и годинава Градот Скопје и Сојузот на спортски федерации на Македонија ги наградуваат најдобрите спортисти на Скопје за 2021година, односно се избираат најуспешни 10 спортисти во сениорска категорија (мажи и жени), најуспешни 10 спортисти во младинска категорија (мажи и жени), најуспешен тренер, најуспешен спортист/ка – странец кој настапува во екипа од Скопје, најуспешен спортист/ка во категоријата на лица со попреченост и категорија перспективен млад спортист – кадет.
На свеченоста се обрати градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која им додели и дел од признанијата за најдобрите спортисти за 2021 година. Таа порача дека скопските спортисти во иднина ќе добиваат голема поддршка од Градот.
– Во оваа година којашто беше тешка за сите нас имавме можност да се израдуваме на спортските успеси. Спортот најдобро го промовира и Градот Скопје и Република Македонија и затоа треба континуирано да се поддржува. Тоа Градот и досега го правел, а ќе го прави поинтензивно и во иднина. Од името на Градот Скопје, од името на советниците и од мое лично име сакам да ви ги честитам успесите. Се надевам дека ќе не радувате уште многу години- изјави Арсовска.
Покрај градоначалничката Арсовска, дел од наградите ги доделија и членовите на Советот на Град Скопје, Стефан Андоновски, Петар Милетиќ, Василка Китановиќ и Мунира Куч.
Најуспешни 10 спортисти во сениорска категорија (мажи и жени)
- Дејан Георгиевски – Таеквондо клуб Бутел.
- Могамедгаџи Нуров – Боречки клуб Вардар.
- Викторија Варадинова – Кик Бокс клуб Шампион.
- Бобан Илиоски – Кик Бокс клуб Шампион.
- Петар Заборски – Карате клуб Макпетрол.
- Симона Заборска – Карате клуб Макпетрол.
- Дарио Ивановски – Маратон клуб Делта.
- Дрита Исљами – Атлетски клуб Работнички.
- Филип Дерковски – Пливачки ватерполо клуб Орион.
- Адријана Поп Арсова – Маратон клуб Делта.
Најуспешни 10 спортисти во младинска категорија (мажи и жени)
- Стефан Стојановиќ – Карате клуб Макпетрол.
- Столе Смилковски – Карате клуб Олимпик 2007.
- Марија Спировска – Боречки клуб Вардар.
- Мери Акиевска – Фитнес и аеробик клуб Магнус.
- Миа Тодоровска – Кик Бокс клуб Шампион.
- Калин Ивановски – Тениски клуб Југ.
- Миа Блажевска Еминова – Пливачки и ватерполо клуб Орион.
- Антонија Белазелкоска – Карате клуб Работнички.
- Мила Младеновска – Карате клуб Работнички.
- Александра Симева – Тениски клуб ПОИНТЕР ДООЕЛ.
Најуспешен тренер
д-р Борче Костовски – Таеквондо клуб Бутел.
Најуспешен спортист – странец кој настапува во екипа од Скопје
Анте Гаџа – АД Ракометен клуб Вардар.
Најуспешен спортист во категоријата на лица со попреченост
1.Андреј Стојановски – „Сојуз за спорт и рекреација на инвалиди на Кисела вода“.
2.Стоилко Стоицев – Планинарски клуб Македон.
Категорија перспективен млад спортист – кадет
Амар Хусеиновиќ – Тениски Клуб МТП Скопје.