Европската унија се подготвува за фактот дека сегашната ситуација околу Украина ќе се пролонгира за неколку години, изјави европскиот комесар за прашања на внатрешниот пазар Тиери Бретон за радиото РМС.
„Подготвени сме војната да трае долго. Војните со висок интензитет на борбени операции на територијата на Европа, за жал, претходно траеја неколку години. Затоа се подготвуваме за тоа“, рече тој.
Бретон додаде дека се уште не се исцрпени можностите за воведување дополнителни санкции против Русија.
„Секако, можни се и други санкции, но никој не рече дека Украина ќе победи благодарение на санкциите. Во случај Украина да победи некогаш, ќе победи со воени средства да ги врати неправедно окупираните територии. Затоа Европската унија и сојузниците на Украина ѝ обезбедуваат се што ѝ е потребно за да победи“, рече еврокомесарот.
Претходно, портпаролот на Кремљ Димитриј Песков изјави дека западните земји секојдневно се повеќе се вклучуваат во конфликтот во Украина, но тоа нема радикално да ја промени ситуацијата, туку само ќе го продолжи конфликтот.