Производителите на кеси ќе имаа можност до 1 јуни 2023 година да ги направат промените на новите законски услови за производство на биоразградливи кеси, кажа денеска министерот за животна средина Насер Нуредини.
– Ние сметавме дека една кеса треба да биде 10 денари, пратениците бараа 20, заеднички се договоривме тие да чинат 15 денари. Идејата не е да се акумулираат средства, туку да нема пластика во храната и водата. Бидејќи пластиките штетат на природата.Ние со овој закон сакаме да го заштитиме здравјето на нашите граѓани.Ќе ве информираме во првиот квартал 2022 година колку средства имаме во тој фонд од продажбата на кеси, рече Нуредини.
Според законот, производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.
-Законот предвидува: забрана за употребата на пластични кеси на пазарот во земјава, забрана за пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во државата, дозволена употреба на биоразградливи кеси за носење на стоки, кои се произведени согласно пропишаните стандарди за биоразградливост, надоместокот за употреба на биоразградливите кеси за носење на стоки ќе изнесува 15 денари за парче, стои во соопштението од Владата.