Промислено ветување или чист популизам е ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите?

од Nikola Popovski
982 прегледи

Нивните најави се издржани се толку колку што има бесплатен јавен превоз во Скопје. Ова нема ниту правно, ниту економско оправдување и нека најдат земја во светот каде што има линеарно зголемување на пензиите, вели претседателот на Партијата на пензионери и пратеник во Собранието, Илија Николовски за планот на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување на пензиите за 5000 денари, доколку дојдат на власт.

Според Николовски, неколку години имавме такво линеарно зголемување кога, како што вели, пензискиот фонд беше во колапс, кога пензиите доцнеа и го намалија придонесот за пензиско осигурување од 21% на 18, во време кога коефициентот за пресметка на пензиите се намали на 1,60.

Илија Николовски

-Имаме една генерација која се уште е жртва на тој систем. И сега тие кои го упропастија пензискиот систем, мислат дека ќе го поправат. Прво не можат да најдат пари толку? Второ, како по 5000 денари за сите пензионери – и за тие со минимална пензија и за тие со 78 илјади пензија? Тоа е чист популизам. Од каде ќе се најдат 330 милиони евра?, прашува Николовски.

За протестите на пензионерите што се случуваа во текот на изминатиот период, Николовски посочува дека Партијата на пензионерите е секогаш со пензионерите и дека протестантите се изјасниле дека се непартиски луѓе. Сепак, истакнува дека иако иницијативниот одбор е партиски, најголем дел од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Иницијативниот одбор е член на Извршниот Одбор на партијата Единствена Македонија, за која Николовски вели е формирана по теркот на партијата „Единствена Русија“.

-Дозволија една мала партија да ја презеде нивната иницијатива, исто како со Преспанскиот договор, кога иницијативата им ја презеде Левица, порачува Николовски.

Вели дека имаат разбирање за пензионерите, жртвите на транзицијата, особено за стечајците и за оние кои имаат одредени години на стаж, но не им е признаено, дециден е дека немаат разбирање за оние кои работеле 15 години, па со газдите се договориле да ги одјават, а понатаму примале пари на рака.

-Ние се бориме и ќе бидеме единствена држава во регионот која ќе донесе Закон за минимална пензија. Се бориме за социјални мерки за лицата со ниски примања, ни рече претседателот на Партијата на пензионери.

Универзитетскиот професор, Јован Шоповски смета дека ваквото прашање е прашање за милион долари. Во кратка изјва за „Локално“ истакнува дека треба да се направи детална анализа за тоа дали и што фондот и буџетот можат да поднесат.

-Барањата на пензионерите, меѓудругото, се имоцирани од покачувањата на функционерските плати. И оттука логични и очекувани се барањата, посочува Шоповски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неделата вети дека доколку дојдат на власт ќе ги зголемат пензиите линеарно за 5 000 денари. Тој во своето обрќање ги стави во фокус пензионерите за кои рече дека заслужуваат линерано зголемување на пензиите.

-Сакам да ги споменам пензионерите кој што ги гледаме со месеци буквално измрзнати, гладни чекорат по плоштадите и улиците барајќи правична распределба на средствата од буџетот, барајќи линеарно зголемување на пензиите кои што тие во оние средби кои што јас ги имав со нив изминативе два месеци го поставија тој праг на околу 5.000 денари, истакна Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски, од друга страна, порача дека не е начин пред избори на пензионерите да им се ветува еднократно зголемување, туку правилен е сегашниот начин на Влата каде во време на најголема криза се зголемени пензиите за толкав процент.

-За идната година, во Буџетот за 2024 година, за пензиите се предвидени дополнителни 100 милиони евра повеќе од оваа година, со цел понатамошно нивно зголемување согласно Методологијата, констатираше премиерот.

Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот, пензиите пораснаа за околу 21 отсто, а заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав

Н.П.

Слични содржини