Промоција на Британската бизнис асоцијација во Северна Македонија

од Radmila Tasevska

Британската амбасада Скопје вечерва го објави основањето на Британската бизнис асоцијација, организација чија цел е унапредување на трговските врски помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и застапување на интересите на британските компании во земјава и останатите компании кои имаат британски бизнис интереси. Основачи на Британската бизнис асоцијација се компаниите Џонсон Мети, Саса, и СоПро.

Активностите на Британската бизнис асоцијација се насочени кон подобрување на легислативата со цел да се создаде подобра бизнис клима за сите чинители на македонската економија. Асоцијацијата ќе работи кон промовирање на добри бизнис практики и етички кодекси за добро владеење, социјална и еколошка свесност, и општествен ангажман на компаниите и застапување на интересите и гледиштата на компаниите-членки на легислативно и извршно ниво. Асоцијацијата исто ќе служи и како форум за споделување на информации и размена на знаења, мислења, и практики помеѓу членките, а ќе нуди и други услуги засновани на потребите и интересите на членките.

Основањето на Британската бизнис асоцијација го најави британскиот амбасадор Метју Лосон, кој рече:

„Обединетото Кралство е силен партнер и близок пријател на Северна Македонија. Заинтересирани сме и подготвени да бидеме примарен трговски и инвестициски партнер на Северна Македонија, преку индустриските способности, инвестицискиот екосистем и владината поддршка на Обединетото Кралство. Британските бизниси застапуваат транспарентност, одржливост, иновација, соработка и партнерство. Целта на Британската бизнис асоцијација во Северна Македонија е да ги промовира овие вредности во рамките на македонското деловно опкружување, во тесна соработка со сите засегнати страни.”

Британскиот трговски претставник за Западен Балкан, Мартин Викерс, кој допатува во Скопје по повод формирањето на Британската бизнис асоцијација, нагласи:

„Северна Македонија е најголемиот трговски партнер на Обединетото Кралство во Западен Балкан. Ми претставува огромно задоволство што сум тука денес на отворањето на новата Британска бизнис асоцијација во Северна Македонија и што можам да поразговарам за билатералната трговија и инвестиции меѓу нашите две земји. Доказ за тоа колку го цениме и вреднуваме нашето партнерство во Западен Балкан – а веруваме и во неговата развојна стратегија – е фактот што Агенцијата за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство, неодамна значително ги зголеми ограничувањата за земјите при што компаниите може да пристапат до 4 милијарди фунти помош кои се однесуваат само на Северна Македонија.“

Од Советот на Британската бизнис асоцијација, управувачкото тело на организацијата, изјавија:

„Основањето на Британската бизнис асоцијација во земјава претставува значајна пресвртница во трговските релации помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Членовите и основачите на Асоцијацијата ќе работат на тоа на ефикасен начин да ги поврзат компаниите и бизнис секторите, како и да придонесат за натамошен развој на меѓусебната економска соработка и традиционалното пријателство меѓу двете земји.“

Британските компании во земјава, како и компаниите кои имаат британски бизнис интереси кои се заинтересирани да станат членки на асоцијацијата можат да добијат повеќе информации на www.bba.mk.

Слични содржини