Промовиран првиот „Речник на синоними во македонскиот јазик“

од Vladimir Zorba
769 прегледи

Промовиран е првиот „Речник на синоними во македонскиот јазик“ на денешната трета меѓународна научна конференција „Филологија, култура, образование“ (ФИЛКО) на штипскиот Филилошки факултет.

Универзитетските професори, Толе Белчев и Снежана Веновска Антевска две години работеле на изработка на овој речник. Веновска Антевска вели дека во изработка на речникот ги вклучиле и студентите од Филолошкиот факултет.

 

– Навистина можеме да се пофалиме од Филолошкиот факултет при УГД Штип дека направивме нешто, секако со помош на студентите. Покажавме, како сето она теоретско, кое го објаснуваме може да го работиме со студентите до определена мера, а потоа професорите да покажат како тоа од теорија се преоѓа во практика, вели Веновска Антевска.

Деканката на Филоошкиот факултет при УГД Штип, Драгана Кузмановска вели дека конференцијата ФИЛКО ја организира заедно со Воронешкиот државен универзитет во Русија, кој одбележува 100 години од своето постоење. На Воронешкиот универзитет постои и Балкански центар за изучување на јазици меѓу кои на македонскиот. Според универзитетските професори од овој универзитет годишно од 10 до 12 студенти се пријавуваат да го изучуваат македонскиот јазик, кој според нив воопшто не е тежок.

Третата научна конференција ФИЛКО завршува утре, а на неа ќе се презентираат научни трудови од областа на филологијата, културата и образованието./МИА