Промовирана книгата „Разговори со Омер Калеши: Скопје – Истанбул – Париз“

од Vladimir Zorba
123 прегледи

Интересна книга за уште поинтересна личност – Омер Калеши е еден од најеминентните сликари со потекло од Балканот, многу почитуван во Франција каде што живее и твори од 1956 година и за него пишувале познати ликовни критичари, рече претседателот на МАНУ Таки Фити на промоцијата на книгата „Разговори со Омер Калеши: Скопје – Истанбул – Париз“ од академик Луан Старова.

 

Специфичноста е во тоа што обединува три земји, рече Фити, во Македонија е роден, во Турција е неговата едукација од областа на уметноста, а во Франција твори и таа е негова уметничка татковина.

Мотиви во неговото творештво се глави – на дервиши, пастири, питачи затоа што, според кажувањето на самиот автор, тие се автентични на и за Балканот и ја одразуваат балканската реалност, пишува МИА.

Фити посочи дека мотивите на Калеши говорат за човекот на Балканот – за неговите чувства, опстојот во овој, како што рече, турбулентен и немирен простор.

– Но неговите слики не се само пораки за чувствата на балканскиот човек и автентичноста на Балканот, туку се пораки со многу поголема вредност – дека на Балканот мора да се создаде простор луѓето да живеат во мир, спокојство и да соработуваат. Мора Балканот да се претвори во простор каде културата, уметноста и науката ќе се издигнат на пиедесталот на највисоките цивилизациски вредности. Тоа е неговата основна порака бидејќи самиот Калеши е од мултиетничко семејство – од мајка Македонка и татко Албанец, каде секогаш се говорело на двата јазика. Неговата порака е дека мултикултурализмот е услов без кој не се може за опстој на Балканот и за негово претворање во подрачје на стабилност, мир и просперитет, рече претседателот на МАНУ.

Според промоторот на изданието, академик Ферид Мухиќ, книгата на Старова за Калеши потврдува дека Балканот никогаш не бил периферно културно жариште.

– Тоа пулсирало со посилен или послаб оган, со повеќе или помалку жар, зависно од околностите, но Балканот отсекогаш бил парадигма на културата и уметноста и таа слика радикално се нагласува со оваа книга, рече Мухиќ, додавајќи дека делото на двајцата автори, и Калеши и Старова,  ја негира, како што рече,  шематизираната презентација на Балканот како некое егзотично затворено подрачје во кое тука-таму има пробиви на некаква свест и некои дострели.

– Во книгата нивни разговори е формулиран завршен заклучок за универзалното единство на уметноста како израз на транстемпоралното присуство на убавината, додаде Мухиќ, кој посочи и дека за делата на Омер Калеши пишувале многу познати интелектуалци, меѓу кои и францускиот есеист Жак  Лакариер.

Омер Калеши е роден во кичевското село Србица во 1932 година. Матурирал во средното техничко училиште во Скопје, а во 1956 година емигрирал во Турција. Во 1965 завршил студии на Ликовната академија во Истанбул. Се преселил во Париз каде што и денес живее и работи. Имал голем број изложби во Македонија и низ  светот. /МИА