Пронајдени 17,5 тони човечка пепел на место на поранешен концентрационен логор

од Stefanija Kuzmanovska
219 прегледи

Околу 17,5 тони човечка пепел е откриена и ископана во близина на поранешен нацистички концентрационен логор во Полска, соопшти денеска полскиот институт за национално сеќавање (ИПН), кој ги истражува нацистичките и комунистичките злосторства.

Остатоците се ископани во Илво Осада, во близина на местото на поранешниот концентрационен логор Гиалдово (Солдау на германски), на околу 150 километри северно од Варшава, кој бил изграден за време на нацистичката окупација на Полска во Втората светска војна.

Од инвазијата на Полска во септември 1939 година, логорот Солдау им служел на нацистите како место за транзит, затворање и истребување на политичките противници, особено на Евреите.

Некои го проценуваат бројот на убиени затвореници во тој логор на 30.000, но досега историските извори не можат со сигурност да го потврдат тоа.

Откривањето на таа локација „овозможува да се потврди дека таму загинале најмалку 8.000 луѓе“, рече Томаж Јанковски, обвинител на ИПН.

Бројот се проценува според тежината на пронајдената пепел.

Во 1944 година, еврејските затвореници биле принудени да ги ексхумираат телата на убиените и да ги запалат, за да ги уништат трагите на нацистичките злосторства.

„Ќе можеме да направиме ДНК анализи што ќе ни овозможат да дознаеме повеќе за идентитетот на жртвите“, слично на она што беше направено во поранешните кампови Собибор и Треблинка, изјави Андреј Осовски, научник од областа на генетиката од Медицински факултет.

Слични содржини