Во текот на викендот, двајца тајкуни беа пронајдени мртви во Москва, но полицијата вели дека ниту еден од овие случаи не вклучува убиство.
Додека олигархот Игор Кудрјаков (63) боледувал од веќе напредната фаза на рак, што се припишува како причина за неговата смрт, 23 години помладиот Антон Андреевич Черепеников наводно се предозирал со медицински гас. Но, од полицијата велат дека истрагата се уште е во тек.
Кудрјаков го заработи своето богатство со Service 77, најпопуларната услуга за испорака во Русија. Но, тој беше поврзан со руските власти од првиот ден, што секако не го спречи да го достигне статусот што го уживаше, пишува „Тајмс“.
Черепеников, пак, беше ѕвезда во подем, се збогати во ИТ секторот, откако во 2018 година го основа ICS Holding. Иако тогаш имал само 35 години, од првиот ден успеал да се поврзе со руските безбедносни служби, да потпише партнерства и соработки со уште триесетина технолошки компании и да се фрли во бизнисот со производство на уреди за прислушување. Не само тоа, Черепеников го продал ICS Holding на милијардерот Алишер Усманов во 2020 година.
Се шпекулира дека Черепеников бил тесно поврзан со разузнавачките служби и шпионските активности на Русија, но не е јасно кои би биле мотивите за неговото можно убиство.
Можеби се е навистина случајно, и двајцата починале ненасилно во рок од 48 часа. Само, кога ќе се стави во контекст на 39 други слични смртни случаи на олигарси и научници од почетокот на руската инвазија на Украина, тогаш е потешко да се поверува во таа случајност.