Пронајдени посмртни останки на војниците кои загинаа во хеликоптерската несреќа во Австралија

од Stefanija Kuzmanovska

Човечки останки се пронајдени за време на потрагата по жртвите од падот на воениот хеликоптер кај североисточниот брег на Австралија. Хеликоптер MRH-90 Taipan во петокот се урна во морето за време на мултинационална воена вежба, а австралиските власти веруваат дека загинале четворица војници.

По голема операција за пребарување, пронајдени се човечки останки, а сега и пилотската кабина. Несреќата се случила за време на вежбата Талисман Сабја, голема тренинг операција која на секои две години собира 30.000 воени лица од Австралија, САД и неколку други земји, пишува Би-Би-Си.

Властите веднаш започнаа потрага по исчезнатите војници – капетанот Даниел Лион, поручникот Максвел Нуџент, офицерот Џозеф Лејкок и капетанот Александар Нагс, кои припаѓале на Шестиот авијациски полк. Но, во понеделникот министерот за одбрана изјави дека нема надеж да се пронајдат живи.

Покрената е истрага за инцидентот

Денеска, водачот на потрагата објави дека е пронајдена уште една област со остатоци на околу 40 метри под површината на океанот. Возилото со далечински управувач пронајде и неидентификувани човечки останки.

„Потрагата по остатоците од хеликоптерот продолжува и ќе се интензивира во следните 24 часа бидејќи треба да пристигне дополнителна опрема. Важно е да се собере што е можно повеќе остатоци од авионот за да можеме целосно да разбереме што точно се случило“, рече генерал-полковник Грег Билтон.

Врховниот воен командант на Австралија минатата недела ги приземји преостанатите 45 летала по несреќата, велејќи дека никој повеќе нема да лета додека не се утврди дека се безбедни. Покрената е истрага за инцидентот.

Слични содржини