Пронајдени туристи од Хонг Конг кои се изгубиле на Матка

од Nikola Popovski
430 прегледи

Вчера доцна попладне на единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК помош побарале двајца туристи, жители на Хонк Конг кои се изгубиле во Кањон Матка, во реонот на средновековниот манастир „Свети Никола Шишевски“. Тие биле пронајдени и спасени од тим од Полициската станица Сарај за два часа од нивното јавување.

Двајцата туристи повикот за помош до 112 во ЦУК го реализирале од мобилен без картичка, координатите не било можно да се одредат во овој случај, мрежата била со слаба јачина на сигнал, но можело да се разговара. Информирале на англиски јазик дека се изгубени и без ориентација каде се наоѓаат, дека се опкружени со високи ридови и дека имаат минимално храна и вода.

Дежурниот оператор на Единствениот број за итни случаи 112 во ЦУК, бил подолго време во комуникација со нив и ги координирал да пронајдат бележито нешто во нивната околина. По пронаоѓањето на знак на патека за манастирот „Свети Никола Шишевски“, дежурниот операторот од 112 во ЦУК им посочил да престанат да се движат и да останат до знакот на патеката. Потоа, веднаш координирал со МВР за нивно пронаоѓање и за извлекување на безбедно.

Тим од Полициската станица Сарај брзо излегол на терен и ги пронашол, според описот на локацијата каде бил знакот за Манастирот, по што се извлечени на безбедно здрави и живи за два часа од нивното прво јавување.

Слични содржини