Пропадна планот на Путин за „судниот ден“: Што се случи со Посејдон?

од Stefanija Kuzmanovska
234 прегледи

Русија се обиде, но не успеа да го тестира торпедото „судниот ден“, што може да биде знак дека западните санкции ѝ предизвикале сериозни проблеми на Москва, сметаат американските разузнавачи.

Застрашувачкото торпедо кое може да носи боева глава, наречено Посејдон, беше лансирано од Белгород, најголемата подморница во светот, која се нурна дури ова лето.

Белгород беше претставен со голема помпа во 2019 година, а торпедото Посејдон, за прв пат објавено во 2015 година, се сметаше за круна на подморницата.

Русија тогаш се пофали дека Посејдон ќе биде способен да уништи цели градови со предизвикување цунами.

Меѓутоа, во четвртокот американски извори изјавија за Си-Ен-Ен дека го гледале Белгород како се подготвува за тестот и дека Русите потоа ја напуштиле областа за тестирање во Баренцовото Море и се вратиле во пристаништето без да го спроведат тестот.

Се верува дека тестирањето не е извршено од технички причини.

„Ова може да се гледа како дел од поголемата слика и неодамнешната воена практика на Русија, која испраќа слабо обучени и недоволно опремени војници во Украина“, изјави за Си-Ен-Ен западен дипломат.

Неименуваниот извор рекол дека руската воена индустрија минува низ тешки времиња.

„Можеме да видиме и дека западните санкции за високотехнолошките воени стоки имаат ефект и мора да продолжат.

Наскоро нема да може ниту да се тестира торпедото, бидејќи морето наскоро ќе биде заледено.

Белгород бил забележан на површината на Баренцовото Море на 22 и 27 септември во близина на полуостровот Кола, објави USNI News.

Во тоа време, италијанскиот весник La Repubblica објави дека воените претставници во Европа предупредиле дека подморницата отпатувала во Карското Море за да ги тестира своите торпеда Посејдон.

Не е јасно зошто подморницата била вратена во пристаништето без да се изврши тестот.

Американски официјални лица изјавија за Си-Ен-Ен дека не очекуваат Русија да изврши каква било форма на нуклеарна детонација за време на тестот.

Сепак, прикажувањето на Посејдон може да ги поттикне тензиите со САД.

Во 2018 година, Владимир Путин за првпат го спомна торпедото на нуклеарен погон, користејќи го своето обраќање за состојбата на нацијата за да се пофали со новото оружје.

Тој рече дека Посејдон ќе ги направи бескорисни американските системи за ракетна одбрана.

Белгород има шест Посејдони, а служи и како матична подморница за помали подморници што ги користат Русите за операции на големи длабочини.

Торпедата се споредуваат со дронови, бидејќи може да се контролираат од далечина за да се заобиколат одбрамбените сили.

Тие исто така имаат теоретски неограничен опсег, благодарение на нивниот нуклеарен реакторски мотор.

Торпедата Посејдон се направени во слична форма на обичните торпеда, но се многу поголеми од обичното оружје, долги речиси 25 метри, поради што мора да се носат со специјално дизајнирани подморници.

Не е точно јасно каква брзина можат да достигнат, но извештаите велат дека може да биде помеѓу 110 и 200 километри на час.

Слични содржини