Просечната плата порасна на 34,364 денари. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2022 година, во однос на декември 2021 година, изнесува 114.8.
-Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Преработувачка индустрија (20.4 %), Уметност, забава и рекреација (20.2 %) и Административни и помошни услужни дејности (19.0 %), соопштија од Државниот завод за статистика.
Ваквите бројки покажуваат дека неполни две години пред истекот на мандатот на Владата е исполнето едно од главните ветувања во предизборната кампања на СДСМ.
-Просечната плата до крајот на мандатот да порасне за 30%, а минималната до 40%. Со тоа до крајот на мандатот постигаме просечна плата за вработените ширум целата земја од 34 илјади денари. Минималната плата којашто беше во 2016 година, за времето на Мицкоски и Груевски, девет илјади денари ќе ја достигнеме до 2024 година да биде 120% повеќе од тие девет илјади денари. Ќе ја покачиме за 40%, односно ќе постигнеме минимална плата од 20 илјади денари, кажа тогашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев на предизборен митинг во Штип, во јуни 2020-тата година.
Со новиот износ на просечната плата доколку се земе предвид дека просечната плата во декември 2017 година изнесувала 23,850 денари растот за само пет години е 10,514 денари.
Со последните измени на законот, како што анализира Сојузот на синдикати на Македонија, минималната плата континуирано расте, а се менуваат и критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.
Од март минималната плата се очекува да порасне на 20.500 денари, за разлика од досегашниот износ кој 18 илјади денари. Од власта појаснија дека со измените на законот за минимална плата, донесени во март 2022 година, се воспостави нова методологија, која е системско решение и која доведува до постојан раст на минималната плата.
Во меѓувреме, ќе растат и пензиите. Новата методологија за пресметување на пензиите даде резултати и таа предвидува континуиран раст согласно трошоците за живот и просечната плата, а не како порано, кога пензиите се зголемуваа пред избори, еднократно. Односно за една година пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти. Новата методологија за пензии Владата ја донесе заедно со Партијата на пензионерите, Сојузот на пензионерите. Со новото зголемување во март, од март 2022 до март 2023 – а со оглед на тоа дека има методологија во којашто 50 проценти е раст на инфлација, а 50 проценти е раст на просечна плата, зголемувањето ќе биде сигурно.