Проширена листата земји за увоз на сончогледово масло без царина

од Nikola Popovski
265 прегледи

На предлог на Министерство за економија на денешната седница е донесена Одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење, како дополнителен стимул за одржување на снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.

Со оваа мерка се овозможува увоз на сончогледово масло од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата, или не се предмет на безцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија, и за кои е утврдена царинска стапка од максимум 29%.

Со укинување на  увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење ќе се даде можност до 31 мај 2022 година да се увезат потребните количини на овој основен прехранбен продукт од земји кои не се предмет на повластен царински стапки кои ќе обезбедат доволно количини за домашниот пазар и ќе се намали притисокот за  раст на цените на овој производ.

На оваа своја седница Владата го продолжи рокот на примена на ограничување за извоз на одделни стоки, до 15 мај 2022 година.

Продолжувањето на рокот за ограничување на извозот се однесува на пченица и наполица; јачмен; пченка; брашно од пченица и наполица; семе од сончоглед, вклучувајќи кршено или дробено; масла од семе од сончоглед, шафраника или памуково семе, како и извоз на луцерка.

Потребата за продолжување на рокот за извоз на овие стоки до 15 мај 2022 година е да се елиминира можноста на снабдувањето поради недостаток на стоки неопходни за преработка и производство основни прехранбени продукти за граѓаните до новата домашна реколта.

Слични содржини