Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари проштална средба со амбасадорот на Сојузна Република Германија во Скопје, Анке Холштајн.
Османи изрази особено задоволство од досегашниот ангажман на амбасадорката Холштајн во Република Северна Македонија и нејзиниот придонес во развојот на билатералните односи меѓу двете земји. Двајцата соговорници се согласија дека изминатите 30 години Северна Македонија и Германија остваруваат високо ниво на партнерски односи, кои ги карактеризира пријателство, меѓусебна доверба и почит.
На средбата, министерот Османи ја истакна важноста на Берлинскиот процес во поддршката на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан со цел поскоро приклучување кон европското семејство, истакнувајќи го притоа значењето на потпишаните договори за време на Самитот на лидери на земјите од Западен Балкан, за кои на Северна Македонија и е доверена депозитарната функција.
Амбасадорката Холштајн потврди дека Германија ќе продолжи силно и одлучно ја поддржува европската иднина на Северна Македонија, изразувајќи задоволство од големите надворешно-политички чекори кој ги постигна Северна Македонија за отпочнување на пристапните преговори.
Голем дел од разговорот беше посветен на актуелното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во текот на 2023 година. Безбедносните прашања, руската инвазија врз Украина и последиците со кои европските земји се соочуваат, исто така беа предмет на дискусија меѓу двајцата соговорници, кои ја истакнаа важноста на НАТО за зачувување на евро-атлантската безбедност.