Началникот на украинската армија Валериј Залужни во понеделникот бил повикан на состанок во кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, каде што му било кажано дека е отпуштен, изјавиле два извора за Си-Ен-Ен, по неколкунеделни шпекулации за тензиите меѓу украинскиот лидер и неговиот врховен командант. Не е објавено официјално соопштение, што значи дека Залужни сè уште е на функцијата, сепак, се очекува претседателски декрет, што би бил најголем воен потрес на Зеленски од почетокот на руската инвазија.
Гласините за состанокот и смената на Залужни избија во понеделникот вечерта и му дадоа кредибилитет на јазот за кој се верува дека настанал меѓу претседателот и главниот воен командант по неуспехот на украинската контраофанзива.
Во понеделникот, претседателскиот портпарол Сергеј Никифоров изјави за Си-Ен-Ен дека гласините за смената на командантот на армијата се лажни. И министерството за одбрана на социјалните мрежи објави порака во која се вели: „Почитувани новинари, веднаш да одговориме на сите: Не, тоа не е точно“.
Зеленски не се ни осврна на тие тврдења во своето секојдневно обраќање до нацијата.
Меѓутоа, според еден од изворите, на состанокот во неговиот кабинет во понеделникот, на кој присуствувал и министерот за одбрана Рустем Умеров, претседателот соопштил дека донел одлука за разрешување на врховниот командант на вооружените сили. Зеленски навел дека ќе му понуди на Залужни друга позиција, но командантот одбил. Украинскиот претседател тогаш рекол дека фактот што Залужни ја одбил понудата не го променил фактот дека тој е сменет од сегашната функција.
Си-Ен-Ен побарал дополнителен коментар до кабинетот на претседателот, но не добил одговор.
Две имиња за можни наследници
Две лица се наведуваат како можни наследници на Валериј Залужни, изјавил за Си-Ен-Ен еден од изворите, висок воен командант. Еден од нив е актуелниот шеф на Одбранбената разузнавачка агенција, Кирило Буданов, 38-годишен генерал за кој се знае дека има силни врски со Зеленски и се смета дека ја претставува новата генерација воени лидери.
На прашањето на Си-Ен-Ен дали е подготвен да стане нов врховен командант на Украина, Буданов го отфрли тоа, сугерирајќи дека веројатно нема да разговара со медиумите доколку се донесе таква одлука.
Друг фаворит е Александар Сирски, командант на украинските копнени сили.
И покрај неуспехот на украинската контраофанзива да постигне некаков напредок во повлекувањето на руските сили на југот истокот на земјата, Залужни е еден од најпопуларните лидери во земјата.