Американскиот претседател Џозеф Бајден му кажал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телефонски разговор минатата недела дека нема да поддржи едногодишна војна во Појасот Газа, пренесува израелскиот портал „Вала“.
Повикувајќи се на двајца анонимни американски функционери, порталот наведува дека Бајден побарал од Нетанјаху Израел што е можно поскоро да премине на борби со низок интензитет против Хамас, што би ги намалило цивилните жртви.
Бајден исто така му рекол на Нетанјаху дека не разбира која е стратегијата на Израел за завршување на војната и побарал од него да одговори каков е планот за периодот по завршувањето на војната, пишува „Тајмс оф Израел“.
Кабинетот на Нетанјаху, како одговор на пишувањето на „Вала“, истакнал дека „премиерот е благодарен за поддршката на Бајден и дека во разговорот со американскиот претседател тој јасно ставил до знаење дека Израел е одлучен во тоа да ја продолжи војната додека не се исполнат сите цели“.