Протекоа информации за тоа каде Модриќ треба да ја продолжи кариерата

од Марта Пешевска
870 прегледи

Легендарниот хрватски фудбалер Лука Модриќ на крајот од оваа сезона ќе го напушти Реал Мадрид по 13 години. Откако објави дека заминува, многумина се прашуваат каде ќе ја продолжи кариерата овој 39-годишен мајстор на средината на теренот.

Постојат три главни опции за Модриќ: да остане во некој поголем европски клуб, но со помала улога; да замине во некоја поегзотична лига, како Саудиска Арабија или американската МЛС; или пак да се врати дома, во својот прв клуб Динамо Загреб.

Навивачите на Динамо се надеваат дека ќе го видат повторно на „Максимир“, но засега тоа изгледа далечно. Според информации, најверојатна е преселба во САД, каде што се очекува Хрватска да игра на Светското првенство во 2026 година.

„Мислам дека најреална опција е Модриќ да оди во МЛС. Ова би му била одлична подготовка за настапот на Светското првенство што следната година се игра во САД, Мексико и Канада“, вели поранешниот хрватски фудбалер Аљоша Војновиќ за „Дневник“ на Нова ТВ.

Инаку, со години се шпекулира дека Модриќ би можел да игра во Мајами, каде што сопственик е поранешната фудбалска ѕвезда Дејвид Бекам. Во МЛС би можел да игра и со Лионел Меси, кого многумина го сметаат за еден од најдобрите фудбалери во историјата. Сè уште нема официјална одлука, но кариерата на Лука Модриќ влегува во нова, возбудлива фаза.

Слични содржини