Руските медиуми се уште шпекулираат за деталите од договорот меѓу Пригожин и Путин, во кој посредуваше белорускиот диктатор Александар Лукашенко. Меѓутоа, Институтот за проучување на војната за прв пат става две нови имиња во преден план – шефот на кабинетот на рускиот претседател Антон Ваин и рускиот амбасадор во Белорусија Борис Гризлов.
Тие, наводно, одиграле една од клучните улоги во настаните во саботата кога тенковите „Вагнер“ запреле на помалку од 300 километри од Москва. Според „Медуза“ и ISW, во саботата околу пладне, Пригожин се обидел да стапи во контакт со администрацијата на рускиот претседател, но Путин одбил каков било контакт со одметнатиот моќник.
Меѓутоа, шефот на „Вагнер“ видно испаничил кога сфатил дека не ја добил поддршката што ја очекувал и многу брзо почнал преговори со Лукашенко, Ваин и Гризлов. Пригожин, исто така, испаничил поради фактот што неговите војници убиле пилоти и воздушниот персонал на руските воени сили и се плашел дека Путин ќе го смета него за одговорен за тој чин.
Порталот „Медуза“, повикувајќи се на некои руски извори, наведува дека после се Путин дури размислува за промени во министерството за одбрана. Некои отидоа толку далеку што сугерираа дека ова е дел од договорот со Пригожин.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал Валериј Герасимов, не се виделе ниту слушнале се до моментот кога Пригожин тргнал во акција, а сега се шпекулира дека Алексеј Дјумин, актуелниот гувернер на областа Тула, може да го замени Шојгу. Доколку оваа информација е точна, тоа би била огромна победа за Пригожин.
Каков и да бил договорот, на Пригожин му се губи секоја трага од саботата навечер. Руската телевизија RTVI наведува дека прес-службата на Пригожин соопштила дека „шефот на Вагнер испраќа поздрав“ и дека ќе одговори на сите прашања „кога нивото на комуникација ќе биде нормално“.
Интересно е и објава на Телеграм канал, кој е тесно поврзан со „Вагнер“, кој објави фотографија од Пригожин како го држи прстот до усните. Во потписот пишува „плановите сакаат тишина“. Инаку, тоа е фраза која Украинците често ја користат за нивна контраофанзива.
ISW наведува дека клучното прашање по „пеколната сабота“ е дали и во која мера вагнеровците ќе продолжат да учествуваат во војната во Украина.